wordpress counter

Гастрономски рај во Аргентина

Оваа гастрономска приказна ќе ја започнеме со малку историја. Аргентина, некогаш ја имала најголемата железничка мрежа на светот. Но, погрешните одлуки за нејзино национализирање и повторно приватизирање, направиле многу мали градчиња кои некогаш биле железнички станици, денес да се заборавени делови на земјата.

Но, луѓето од овие градови, наместо да кукаат поради несреќната судбина, бргу се прилагодиле на новата состојба. И денес, тие се мали гастрономски центри на Аргентина.

Едно од тие градчиња е Карлос Кен. Со само 500 жители, има дури 12 ресторани. Сместени помеѓу правливите градски улички и полињата со висока трева и глуварчиња, овие ресторани го носат духот на вистинската аргентинска кујна. Во овие ресторани ќе уживате во пикада или даска полна со сирење, маслинки и шунка која одлично се комбинира со темно Малбек. Потоа, следи повторно предјадење – емпенада.

Дури потоа, ќе дојде главното јадење кое мора да има сочно месо. Интересно е дека имате време да се опоравите по обилните предјадења, со оглед дека ќе помине доста време додека да го добиете главното јадење. Тоа е резултат на мирното темпо на живеење што го практикуваат дури и келнерите.

Иако, аргентинското кампо (село) не е најидеално место за вегетаријанците, сепак, може да најдат навистина вкусни домашно направени тестенини.

Малку поисточно, лежи гратчето Томас Хофре, кое уште е познато и како „мал центар на гастрономијата“. Париљада, односно мешана скара, е јадењето кое го опишува ова место. Повеќето од рестораните поседуваат и по неколку простории во кои може да се престојува преку ноќ.

Тивкото и полузаспано место Урибелареа се наоѓа 80 км јужно од Буенос Аирес. И овој некогаш железнички град, денес е центар на аргентинската кујна. Покрај храната, ова место е познато и по филмските кадри од Евита Перон и Театро.

Овие места, изгледаат како одамна изгубен рај. Сѐ се случува пополека и без брзање. Брзата храна не постои, а оброците се такви што на еден ручек ќе потрошите повеќе од половина ден. Жителите велат дека токму тоа е намерата – да се јаде и да се живее полека, затоа што само тогаш ќе се забележиме себеси и другите луѓе.

Related Posts with Thumbnails