wordpress counter

Лична карта: Нане

Lat. Menta longifolia

Тип: нането припаѓа на фамилијата „Lamiaceae“ и влегува во категоријата на зачини.

Потекло: поради неговата распространетост на сите континенти, не може точно да се определи од каде потекнува, но се претпоставува дека е од медитеранскиот дел на Европа. Најпознато е по името мента, кое потекунува од грчката митологија.

Изглед: најчесто е повеќе годишно растение (ретки видови се едногодишни) и достигнува максимална височина до 1 м. Неговата боја варира од нијанси на зелена, па до жолта, сина, и розова (во зависност од видот). Расте во стебла со ливчиња во прстенаста форма, со закосување на врвовите и има прекрасни нежни цветови, најчесто во розова боја. Најдобро ќе го препознаете по силниот специфичен мирис на ментол.

Видови: постојат повеќе од четириесет видови нане и голем број на хибридни врсти. Три вида се најчести во секојдневната употреба во кулинарството: „Menta Crispa“, „Menta Pulegium“ и „Menta Piperita“, која се користи за добивање на етерично масло.

Примена во исхраната: се користи во комбинација со многу овошја и зеленчуци во салати. Нането е еден од главните зачини на нашето тавче-гравче. Поради свежиот и специфичен вкус, се комбинира во разни јадења од месо и риба. Има примена и кај слатките, како главна состојка, зачин или сируп. Да не заборавиме дека игра главна улога во многу коктели, како на пример во популарното мохито, а сите го имаат дома и во форма на чај.

Друга примена: се користи во сите видови на пасти за заби и други дентални препарати. Во медицината е застапено во многу лекови за желудник, киселини, настинки, реума, убоди од инсекти, икање, болки во увото, варење на храната, синуси. Се користи и за лекови за бебиња, кои имаат проблем со варењето на храната. Бидејќи е одличен освежувач на здивот, го има во повеќето видови на мастики за џвакање и бонбони. Често е употребувано во разни видови на козметика.

Интересни факти

• Мента била митска нимфа, која го завела грчкиот бог на подземјето Хад. Поради тоа, неговата жена Персефона сакала да ја убие. Тој, со цел да ја спаси, ја претворил во растение;
• во грчката митологија симболизира гостопримство и мудрост;
• маслото добиено од нане се користи како инсектицид;
• освен што го освежува здивот, ги освежува просториите и во некои земји неговиот мирис се смета за афродизијак.

Related Posts with Thumbnails