wordpress counter

Бонтон на масата

БОНТОН НА МАСАТАПоставувањето и однесувањето на масата за јадење постојано го привлекуваат вниманието на сите оние кои уживаат во долгите оброци. На оваа тема ѝ се придава големо значење и денес веќе тоа се претвори во вистинска уметност. Постои огромен избор на книги и совети како тоа да се направи на правилен начин. Но, сите совети ќе бидат залудни, доколку не употребите малку од вашата фантазија, креативност и личниот вкус, кои мора да признаеме дека ги поседува секоја жена.

Масата може да се постави на безброј начини, но постои едно општо прифатено правило кое најчесто се користи – масата мора да е прекриена со чаршаф кој е беспрекорно чист и испеглан. Важно е да биде со неутрална боја (црвена, на пример, не смеете да си дозволите бидејќи сите гости ќе се чувствуваат напнато и нестрпливо). Потоа, за секој гостин се поставува голема плитка чинија и преку неа длабока (ако се служи течна храна. Ако не, тогаш помала плитка чинија); од десна страна треба да се постават голем и мал нож и лажица (ако се служи супа); додека од левата страна мала и голема вилушка, а пред чинијата мало ноже, вилушка и лажица за десерт. Од десната страна, пред чинијата, се редат чашите, чиј број зависи од тоа колку пијалаци ќе се служат. На крајот, во секоја чинија се става убаво обликувана хартиена салфетка.

Покрај главната маса, би било пожелно да има помошно масиче на кое се става употребениот прибор. Лебот се служи во корпа наменета за тоа или на секој гостин посебно во тацна, која се поставува исто како и чашите само од лева страна. Кога во прашање се чашите и пиењето, улогата ја презема домаќинот. Никогаш на масата не ставајте шишиња вино, вода, масло или оцет. Тој обичај е резервиран само за интимни оброци.

Домаќинот седи на чело на масата, а домаќинката на крајот на масата. Почесни места се тие кои се на десно од нив двајца. Од десната страна на домаќинот обично седи гостинот на кого му се придава најголемо значење или највозрасната дама, додека до домаќинката најзначајниот или највозрасниот гостин од машки пол.

За крај, гостите се нудат со храна од нивната лева страна. На тој начин, секој од нив ќе може да се послужи слободно и едноставно. Пред десертот, неприметливо треба трошките од јадењето да се отстранат. Како шлаг на целата приказна, во просторијата нека се рашири арома од некое прекрасно и квалитетно кафе.

Bon appetite!

Related Posts with Thumbnails