wordpress counter

Деловен ручек или вечера

ДЕЛОВЕН РУЧЕК ИЛИ ВЕЧЕРАГолем дел од договорите и бизнис работите се склучуваат за време на деловните ручеци и вечери (за деловни појадоци сеуште немаме слушнато). Овој факт не треба да зачудува затоа што собирањата околу маса полна со вкусна храна и пијалаци носи убаво и релаксирано расположение, кое на крајот ќе финишира со договарање на некоја зделка која оди во прилог на деловните партнери.

Иако, на прв поглед, организирањето на ваков настан изгледа едноставно, сепак, постојат правила кои треба да се почитуваат во ваквите случаи. Соодветен кодекс на облекување, пристигнување на време, умереност во јадењето и пиењето се некои од темелите на културата и доброто однесување.

ИЗБОР НА РЕСТОРАН
Но, како и да е, првото што треба да се реши е ресторанот кој ќе биде локација на деловната средба. Посетете неколку ресторани кои се на списокот кој претходно сте го исчистиле од сите оние места кои не служат за деловни средби. Распрашајте се во какво окружување се наоѓаат, дали имаат паркинг, кои се специјалитетите на куќата, кои се најдобрите маси и каква е послугата.

Ако вашите гости се од странство, бидете сигурни дека ресторанот има менија на англиски или друг јазик и дека нуди специјалитети на македонската кујна. Секако, мора да имате предвид дека гостинот можеби нема да сака да експериментира, па одберете ресторан кој ги има и основните јадења на интернационалната кујна. Правило е масата да ја резервирате однапред, особено ако имате поголема група на гости.

Во некои ресторани можно е менито за ручекот или вечерата однапред да го составите. Ова е случај, кога сакате гостите да ги изненадите со некое вкусно јадење за кое треба повеќе време за приготвување или се потребни посебни продукти.

БИДЕТЕ ВИСТИНСКИ ОРГАНИЗАТОР
Најдобро е вие како организатор да дојдете први. Замолете го келнерот да ги испрати вашите гости до масата. Вие утврдувате кој каде ќе седи и му го покажувате местото на гостинот. Доколку имате само еден гостин, тогаш вие треба да седите под прав агол во однос на него, бидејќи ако седите еден наспроти друг, тоа се смета за ривалство. Додека ги чекате гостите, не нарачувајте пиење, а во моментот кога ќе седнете ставете ја салфетката покрај чинијата.

КАКО ПОЧЕТОК
Како домаќин, дајте сигнал дека ручекот или вечерата може да почнат со тоа што ќе ставите платнена салфетка преку вашите колена. Дозволете им на гостите први да нарачаат, освен во случај ако мените е претходно утврдено. Доколку вие плаќате, претходно препорачајте им на гостите едно до две јадења со цел дискретно да им најавите со колкава сума располагате. Во просек, јадењето треба да трае 30 минути. Ако треба да станете од столот за време на вечерата, тогаш ставете ја салфетката преку столот.

ПРВИН ЗАДОВОЛСТВО, ПА БИЗНИС
Не е воопшто културно веднаш да започнете со бизнис разговор. Според некои непишани правила, првите 15-тина минути треба да поминат во неврзан разговор па дури потоа да се отворат позначајните теми.

ПЛАЌАЊЕ НА СМЕТКАТА
Плаќањето треба да се направи на дискретен начин. Ако сте во странство, тогаш на сумата додадете уште 10-20%, како бакшиш за персоналот. Можете однапред да договорите сметката да не ви се носи на масата, туку кога ќе си одат гостите. Како сигнал дека вечерата или ручекот е готов, ставете ја салфетката од лева страна на чинијата.

За крај, еден важен совет. Не заборавајте дека вие сте домаќинот. Креирајте пријатна и релаксирачка атмосфера и внимавајте да не дојде до незгодна тишина. Можеби токму таа весела атмосфера ќе ви донесе одлична зделка.

Related Posts with Thumbnails