wordpress counter

Филип Еванс – британски готвач кој ја засака Македонија

Веројатно на ТВ каналите сте забележале еден млад англиски господин кој ужива во приготвувањето на храна. Станува збор за Филип Еванс, готвач кој ужива во македонската храна, готвењето и учењето на македонскиот јазик.

Еванс ја посетил за првпат Македонија уште во 2002 година кога работел со една христијанска организација од Белград. Се вљубил на прв поглед во регионот, луѓето, културата и секако храната. Поради тоа, со својата сопруга Ана се доселуваат кај нас и оттогаш работат и живеат во Македонија.

Еванс е голем вљубеник во храната и животот. Таа љубов и тајните на готвењето ги усовршувал во бројни кетеринг компании во Велика Британија. Работел на кетеринг за свадбени церемонии и важни приватни ручеци и вечери.

Инаку, обожува да готви за другите и да ги гледа како уживаат во храната. Најмногу ја сака италијанската кујна, но сепак, смета дека француската кујна е кујна која секој готвач мора добро да ја познава. Затоа и голем дел од времето го посветува на нејзиното изучување.

Во овој момент, Филип Еванс пишува книга готвач која би требало да излезе од печат кон крајот на годината. Причината да ја напише оваа книга е фактот што многу странски рецепти не можат да се подготват кај нас, поради тоа што не можат да се најдат конкретни состојки. Затоа, преку оваа книга настојува да ги прилагоди тие рецепти на нашите услови и да најде соодветна замена за секоја од состојките која не може да се најде кај нас.

Покрај книгата, Еванс се подготвува и за отворање и на првото училиште за готвење во Македонија.

Гурман™ ви најавува соработка со готвачот Филип Еванс и заедничка презентација на бројни специјалитети во кои заеднички ќе уживаме. Очекувајте необични, интересни рецепти од разни страни на светот, кои ќе може да ги подготвувате во вашиот дом без да стравувате дали ќе ги пронајдете сите состојки кои ви се потребни.

Related Posts with Thumbnails