wordpress counter

Пица – најомиленото јадење на светот

Пицата е италијански специјалитет кој го освои светот. Не постои човек што не ја сака пицата или барем некоја нејзина форма. Иако повеќето од нас повеќе размислуваат на топингот кој се става на пицата, сепак, најважниот дел во нејзината подготовка е тестото. Без добро тесто, нема ниту добра пица.

Првите пишани документи во кои се споменува зборот пица е еден текст на латински јазик од италијанскиот град Гаета, а се поврзува со германскиот збор „bizza“, што би значело залак. Според една друга теорија, зборот пица доаѓа од грчки збор што означува леб или тесто.

Како и да е, италијанците се тие кои го довеле до совршенство овој рецепт. Инаку, пицата е потомок на фокачата. На тестото за фокача му се додавале зачини за да биде вкусно. А пицата, како независно јадење, најверојатно се појавува во текот на XVIII век. Во тој период таа се сретнува со доматите. Ова соединување се случува во Неапол. Тогаш е создадена пицата во кружна форма, која се состои од тесто, домати, моцарела и босилек.

И ден денес маргаритата е најпознатата пица на светот. Оваа комбинација која готвачот Рафаеле Еспозито ја создал во чест на кралицата Маргарита, всушност го претставува италијанското знаме. Доматите за црвената боја, моцарелата за белата и босилекот за зелената боја.

Сѐ до Втората Светска Војна, пицата се подготвувала исклучиво во неаполските ресторани. Но, по завршувањето на војната и бранот имиграција кон САД, пицата станува светско јадење. Оттогаш сите ние уживаме во пиците кои денес ги има во безброј варијанти.

Related Posts with Thumbnails