wordpress counter

Поголема продуктивност на работа

СО ИСХРАНА ДО ПОГОЛЕМА ПРОДУКТИВНОСТ НА РАБОТНОТО МЕСТО

Современото живеење ни остава многу малку простор да ја планираме нашата исхрана и дневното мени. Бројните обврски на нашите работни места често пати нѐ доведуваат пред свршен чин – да истрчаме до најблиската продавница за храна, да купиме нешто што воопшто не ни одговара да го изедеме и згора на тоа ручекот да ни трае 5 минути.

Што сме добиле со таквата исхрана? Сме додале нов извор на стрес за нашиот организам, сме помогнале да ја зголемиме нашата телесна тежина и да се чувствуваваме уморно, иако сме доволно наспани.

Поради тоа, сите ние треба покрај кодексите на облекување и однесување да воведеме нов кодекс кој кај нас воопшто не постои – кодекс на исхрана на работното место. Од него корист нема да имаме само ние, туку и нашите работодавци кои ќе бидат задоволни од остварените работни задачи, времето и начинот на кој се завршени обврските.

Од денес па натаму, Гурман™ интензивно ќе ја обработува оваа тема и ќе ви понуди одговор на многу прашања во врска со овој тип на исхрана, како и совети кои ќе ви помогнат да бидете свежи, концентрирани, креативни и организирани на вашите работни места. И најважно од сѐ – да имате добро здравје и виталност.

Да видиме како се избегнуваат стапиците на лошата исхрана на работното место.

Атмосферата на работното место е таква што дури и оние кои строго се грижат за своето здравје, многу често знаат да земаат грицки или брза храна. Затоа, за да одолеете на мирисите на таа храна која ја јадат сите околу вас, најважно е да ја планирате исхраната однапред. Таа треба да биде ставка во вашиот дневен распоред. И во тој дневен распоред треба да внимавате на следните критични точки:

НЕ ГО ПРЕСКОКНУВАЈТЕ ПОЈАДОКОТ
Ако не можете да си дозволите појадок во вашиот дом, тогаш земете го со вас или купете здрав појадок некаде по пат. Обидете се да го игнорирате мирисот на тазе печива на вашите колеги и одлучно од вашата торба извадете си парче интегрален леб, овошен јогурт или житарки со млеко. Овие намирници нема да ви одземат многу време при нивното купување и приготвување, а ќе ви дадат доволно енергија за здрав почеток на денот.

КОРИСТЕТЕ ФРИЖИДЕР (ДОКОЛКУ ИМАТЕ УСЛОВИ ЗА ТОА)
Таму можете да си сместите сирење, туна, пилешко. А, во ова време на изобилство на зеленчук и овошје, најголем дел од работите во фрижидерот треба да ви бидат токму тие. Доколку си правите сендвичи, нека бидат исклучиво со интегрален леб.

ЈАДЕТЕ ВО КУЈНАТА ИЛИ НАДВОР ОД ЗГРАДАТА
Доколку јадете пред компјутерот, ќе бидете сконцентрирани на одговарање на меилови или подготовка на некаков извештај и несвесно ќе ја јадете храната, без доволно џвакање и само ќе си навлечете опасност од прејадување. Да не ги споменуваме и сите бактерии кои се собираат на вашата работна маса. Освен тоа, добро ќе му дојде на организмот и мала прошетка и разбистрување на умот. За почеток, доволно е тоа да бидат 5 минути и да не користите лифт, туку скалите.

ЈАДЕТЕ ЗДРАВА ХРАНА
Купувајте здрави продукти, кои ќе можете да ги оставите и во вашата канцеларија. Кога одите во набавка на производи за дома, вклучете ги во списокот житарките, јаткастите плодови, кикиритките, сувото грозје, разно сушено овошје и сечкан зеленчук со некаков сос. Нека ви стојат при рака секогаш кога ќе почувствувате глад.

КУПУВАЈТЕ ВО ПРОДАВНИЦА ИЛИ НА ПАЗАР
Обидете се да најдете продукти кои лесно се подготвуваат или консумираат. Ставете, на пример, неколку овошја во вашата торба и потрудете се да ги изедете до крајот на денот. Тоа е подобро решение отколку парче пица, хамбургер или четврт бурек.

При организирање на исхраната на работното место, распоредот е најважен од сѐ. Направете го во недела и придржувајте се до него. Во понеделник наутро тргнете на работа со подготвен оброк од дома. Јадете најмалку 3 пати на ден и не го прескокнувајте појадокот.

Гурман™ ве советува доколку сте во можност да ја набавите книгата „Нискокалорична исхрана на работното место“ од Глорија Санхуан и дополнително да се информирате околу ова важно прашање.

Related Posts with Thumbnails