wordpress counter

Професија: Контролор на храната на политичарите

Сигурно сте се запрашале дали некој ја проверува храната пред да ја вкусат политичарите и другите јавни личности. Ако мислите дека има некој што е одговорен за исправноста на храната, тогаш – во право сте. И не само во светот, туку тоа е случај и кај нас.

Хемичарот Ѓорѓи Костовски е дел од оваа професија веќе 16 години. Ручекот и вечерата на премиерот или претседателот може да започнат само ако Костовски даде знак дека сѐ е во ред. Исто се случува и со виното. Сокот и кафето може да се послужат откако ќе ги поминат сите тестови за токсичност.

Професијата е стресна и без точно утврдено работно време. Понекогаш и 24 часа. Професија која не дозволува ниту една грешка. Бидејќи секоја грешка може да биде кобна. Костовски има работно место кое бара постојано движење. Собрание, ресторанот во владата, рестораните и кафеаните низ земјата каде државниот врв приватно или службено престојува.

Хемичарот Костовски првите проверки ги прави на местото каде што се готви храната. Со себе секогаш носи мало куферче полно со епрувети и реагенси . Потоа, продолжува со испитување на работната површина во кујната. Доколку хигиената на кујната е задоволителна, се преоѓа на тестирање на храната.

Според зборовите на овој експерт, потешкотии има при проверка на јајцата и месото. За проверка на јајцата користи една од техниките на Александар Македонски. Имено, јајцата ги става во сад со вода. Оние што ќе се искачат на површина ги отстранува, затоа што кај нив веќе започнал процесот на расипување.

Соковите, при проверка, се налеваат во чаша. Доколку остане бела пена на ќошињата од чашата, таквиот пијалак веднаш се фрла, бидејќи е расипан. Кога станува збор за тортите и десертите, се зема еден многу мал дел за да се изврши проверката. Потоа, делот се враќа и никој не може да забележи дека тортата е расечена.

Покрај храната, Костовски го проверува и приборот поради радиоактивност, како и сите сомнителни пратки. Според него, постојано има обиди нешто да се вметне во храната на државниот врв. Затоа и мерките за безбедност се на високо ниво. Многу повисоко отколку порано.

Related Posts with Thumbnails