wordpress counter

Врели костени за студена есен

Ништо не потсетува толку многу на есен како што е мирисот на печени или варени костени во домот додека надвор е свежо и врнежливо. Така се создава едно посебно чувство на топлина и пријатност. Оваа статија е наменета токму за најубавиот есенски плод.

Костените се делат на питоми и диви, а ги има преку 100 видови. Се јадат само питомите, но дивите имаат лековити својства и се користат за подготвка на лекови.

Кога купувате костени, треба да внимавате плодот да биде голем, сјајен и без дупчиња на лушпата. Се чуваат на студено место и до две седмици. Не смее да се чуваат на собна температура, затоа што бргу ќе се расипат.

Како да се излупи лушпата?
За да се приготват, понекогаш е потребно да се исчисти лушпата, а тоа е комплициран процес. Лушпата лесно се отстранува кога костените се врели. Направете знак „х“ на секој костен и ставете ги во неколку фолии. Фолијата соберете ја при врвот и направете вреќичка од неа. На врвот од таа алуминимска вреќа направете мала дупка и преку неа додадете ¼ мала шолја вода. Печете 25-30 минути на 180 степени. Откако ќе се испечат, земете една вреќичка со костени за чистење, а другите чувајте ги на топло. Со друга фолија во раката започнете да ја отстранувате лушпата и тоа од знакот „х“. Исчистените костени чувајте ги во вакуумска ќеса во фрижидер и така имаат рок на траење три дена.

Гастрономска примена
Од костени се приготваат супи, пиреа, главни јадења и десерти. Често се додаваат на разни салати и сосови за тестенини. За време на Божиќ, се приготвува мисирка полнета со пире од костени. Со ова пире може да се полнат и бројни теста. Од костени се приготвуваат и сосови за дивеч. Костените и пирето од костени одлично се комбинираат со сладок компир, печурки, моркови, зелка и прокељ.

Related Posts with Thumbnails