wordpress counter

На пиедестал: салата

НА ПИЕДЕСТАЛ: САЛАТА

По некоја случајна проценка, јас, гурман над гурманите, решив дека треба да внимавам што јадам и да поработам на мојот не така одржуван метаболизам. Покрај сите нешта кои треба да ги знам (а ги знам многу добро) за тоа што е здраво и корисно, јас си дадов период во кој воопшто не внимавав што јадам и што е најважно – колку јадам. Се разбира, не можев вечно да останам во тој зимски сон и со првите пролетни зраци и зелени листови по парковите, јас тргнав во поход и борба со несаканите „додатоци“ на моето тело.

Секојдневното уживање во една иста, да не речам лоша храна, уредно го заменив со добри, здрави и пред сѐ вкусни оброци. Сега, има вистински потенцијални во мојот дигестивен тракт да се најдат корени од пролетните зеленчуци и уште малку најодговорно можам да кажам дека ќе „процветам“ и јас. Верувајте, можам визуелно и во боја да ги почувствувам мирисите на десетиците комбинации на зеленчук со сѐ и сешто. Главно, мојата дневна исхрана се состои од оброци кои имаат ниско-калорична вредност, а се богати со „добри“ јаглехидрати и протеини, како и потребната количина незаситени масти кои на телото му требаат да работи нормално. Ми требаше време да го изградам тој список, кој во сите аспекти ќе ги задоволи моите потреби и се разбира најпрвин почнав од салатите. Стереотипно, сите знаеме дека од салата не можеш да се здебелиш и дека тоа е здраво и корисно за тебе. Свеж зеленчук, кој во пролет го има насекаде, исечкан, измешан, со ваков или онаков додаток и имаш екстра вкусен и здрав оброк – салата.

Хмм… би поверувале ли ако ви кажам дека пред 200-300 години за ова би ме испратиле во шума да живеам? Или би ме прогласиле за нестабилна личност на која и се привидуваат нешта, која треба да се затвори за да не претставува опасност за околината?! Па, драги пријатели, верувајте. Во минатото, салатата не се сметала ни за храна, а камоли за стил на исхрана. Се разбира, луѓето тогаш имале многу добри причини за ваквото мислење. Ниту би ги обвиниле кога би се потсетиле дека некогаш немало струја, немало фрижидери, па немало ниту чиста вода, така што консумирањето свеж зеленчук практично би било посегнување по животот. Складирањето и одржувањето на храната било дел од нечија фантазија. Тоа што се јадело било долго и многу готвено, бидејќи не биле јасни и познати причините за голем број на болести. На луѓето најлесно им било барем преку тоа што го јадат да се заштитат и да го минимализираат ризикот од некоја зараза.

Гледано од овој аспект, тоа време јас би го нарекла „мрачното доба на зеленчукот“. Тоа траело неколку векови и во однесувањето и сфаќањата на луѓето длабоко се вкоренила предрасудата дека свежиот зеленчук не е храна и не треба да се користи на тој начин.

ПРОЛЕТЕН ЗЕЛЕНЧУК ЗА САЛАТА

Подоцна, дури и кога јадењето свежи и незготвени зеленчуци било промовирано како здраво, многу луѓе ги одбегнувале салатите, во замена со тешки, полнети лебови и меса. Како што би се рекло: „Старите навики умираат бавно“. Била потребна револуција во готвењето, која започнала некаде во 19-от и траела сѐ до доцните 80-ти од 20-от век, да ја донесе салатата на вистинското место во нашите менија. Дури постојат и т.н. пионери на салатите, кои во Њујорк, во ресторанот на Делмонико започнале да прават вкусни оброци од салата за нивните богати клиенти во средината на 19-от, со што ја ставиле салатата на американската кулинарската мапа. Во тој период, салатата се претворила во оброк на елитата и обично салата во оброкот можеле да си дозволат само луѓето од високите слоеви.

Денес, кога ни се осветлени сите мрачни периоди на нашите предци, насекаде во светот салатата е регуларен дел од сечиј оброк и повеќе од тоа, салатата често пати може да биде главен оброк и уникатен рецепт. Сè почесто готвачите вложуваат напор, креативност и умешност во создавањето на уникатна салата. Денес, постојат десетици варијации на еден вид салата, а постојат мал милион видови салати. Од свежи и незачинети, до салати со тестенини, млечни производи, па овошни салати и предјадења, антипасто салати и апетајзери… Сè до класичните и вон-временски Руска, Француска, Цезар, Шеф салата, Валдорф и многу други, меѓу кои нам најдобро познатата Шопска. Денес, постојат ресторани кои служат само салати, кои се специјализирани само за тоа и ви нудат избор на новосоздадени уникати, а во другите ресторани сè почесто се вработува дел од персоналот на кујната кој е задолжен само за салатите.

ПРОЛЕТНА САЛАТАИнспирирана и воодушевена од ова богатство на вкусови, јас не можев а да не ги споделам со вас сите нив, или барем дел до кој заедно ќе успееме да стигнеме. За некои салати постојат приказни и митови за нивното име, за некои е важна нутрициската вредност, но за сите е заедничко и најважно дека се грандиозно вкусни. Секогаш во многу бои, со многу вкусови, секакви форми… зачини, преливи, сечкање, мешање, додавање… секогаш уживање, секогаш забава, секогаш пријатно и убаво чувство на среќа… тоа е едноставно, создавање и консумирање салата.

Затоа, овој пат салатата е на пиедестал, и ќе биде во следниот период, во кој ќе се обидам секој пат да ви презентирам по нешто интересно врзано токму за салатите. Некогаш ќе биде класична, некогаш салата карактеристична за некоја земја, некогаш совети и трикови за најубава салата, некогаш преливи – сè што е поврзано и треба да се знае за салатите.

И уште нешто, следниот пат кога ќе вкусите некоја салата, бидете сигурни дека покрај тоа што јадете нешто здраво и вкусно, учествувате и во создавање на уште една успешна кулинарска приказна. [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails