wordpress counter

Паста (Четврти дел: Перфектно зготвена)

ПЕРФЕКТНО ЗГОТВЕНА ПАСТАИма неколку едноставни, но есенцијални работи кои треба да ги знаете пред да почнете да готвите тестенини.

Најосновното нешто е садот во кој ќе готвите. Тој треба да биде голем, со рамни страни и да биде широк, а не висок. Високите и тесни садови за готвење ќе го ограничат движењето на тестенините во водата додека се варат.

Второ, ви треба голема количина ладна вода. Никогаш не може да имате премногу вода, но премалку може да биде катастрофално, бидејќи тестенините ќе се залепат едни со други и ќе се сварат на тој начин. За 250 г паста ви треба најмалку 3 литри вода, што значи навистина голем сад.

Трето основно нешто е дека водата треба да врие силно, пред да ја ставите пастата. Ова ѝ овозможува да се вари слободно, да се зготви еднакво и да не се залепи. Исклучок се прави кога се готви полнета паста или свежа ламинирана. Во овој случај, кога водата ќе почне да врие, треба да се намали температурата а потоа да се ставаат тестенините. Кога готвите полнети тестенини, важно е да се варат само неколку парчиња од еднаш и повремено да се мешаат додека се варат, за да се зготват подобро.

Четврто основно правило: зачинување на водата. Ова е еден од факторите кој најмногу се занемарува, а е исклучително критичен. Оптималната количина сол ќе го извади до тестенините природниот вкус на пченкарно брашно. Ако водата е премалку засолена, пастата ќе се раскашави. Правилото е: за 250 г паста ви треба 1 супена лажица сол. Солта се става кога водата врие и се меша да се растопи. Потоа пробајте ја водата, треба да има малку посолен вкус.

ГОТВЕЊЕ ТЕСТЕНИНИПеттото основно правило е никогаш да не ставате масло во водата. Со масло ќе добиете мрсни тестенини за кои сосот никако нема да се лепи. Луѓето мислат дека мора да се става масло, затоа што спречува пастата да се залепи. Ова е погрешно, бидејќи најдобар начин за тестенините да не се залепат меѓу себе е да имаат слободен простор за движење во садот, каде ќе се движат во вода што силно врие.

Последното нешто кое треба да го знаете е дека никогаш не треба да ја плакнете пастата по варењето. Со плакнење го отстранувате одличниот скроб од тестото кој излегува при варење, а овозможува зачините и сосот да се залепат за тестенините.

Значи, правилото е едноставно: за убаво и правилно зготвени тестенини ви треба голема количина на солена вода која силно врие, не ставајте масло и не ја плакнете пастата на крајот.

За сушена паста, особено онаа која има долгнавеста форма, одличен трик е да ги држите тестенините со двете раце и да ги свртите на средина во круг (без да ги кршите), а потоа да ги пуштите во зовриената вода. Така самите ќе се распоредат низ садот, еднакво и сами ќе си направат место, онолку колку им е потребно за да не се залепат. На почетокот, половина од тестенините ќе излегуваат од садот. Почекајте да омекнат и самите да почнат да се спуштаат надолу, а потоа полека турнете ги целосно во садот. Во овој дел од варењето, нежно мешајте за пастата да не се залепи сè додека не почне да плива слободно во водата што врие. Во тој момент, акцијата на вриење ќе го прави мешањето наместо вас.

Кога пастата е готова по ваш вкус, тргнете ја од оган и исцедете ја. Важно е веднаш да се цеди, бидејќи водата е сеуште врела и ќе продолжи да ја вари пастата. Ако не можете веднаш да ги цедите, исклучете го шпоретот и додадете една чаша ладна вода во садот за да се намали температурата на водата. Ова ќе ви даде 1 минута време пред да ги исцедите тестенините. Без разлика какви тестенини готвите, пред да ги цедите секогаш треба да отстраните една чаша од водата во која се вареле.

За свежа ламинирана паста, која е многу нежна, водата треба да биде на почеток од вриење. Таа се вари побргу од сушената и во зависност од начинот на производство ѝ треба од 1 до 5 минути да биде готова. За да бидете сигурни дека е убаво варена, едноставно пробајте ја. Залакот треба да биде нежен и мек, без да дава отпор кога се гризе (оваа паста не може да се готви ал денте).

Конечно, знаеме сè што ни е потребно за да зготвиме прекрасни тестенини. Ни останува уште да замислиме некој сос или фил кој најмногу нè привлекува, и останато е лесно. Ако овие совети ви се чинат напорни или комплицирани, не се обесхрабрувајте – со текот на времето ќе ви станат навика и дел од ритуалот на готвење паста. Уживајте! [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails