wordpress counter

Паста (Трет дел: Совршена со совршен сос)

ПАСТА (СОВРШЕНА СО СОВРШЕН СОС)

Замислете еден аполонски граден маж, или жена со тело на божица и претставете си како овие двајца се голи, а треба да ги облечеме. Треба да погледнеме што на мажот, а што на жената најдобро ќе им прилега, и ќе ги земеме предвид сите нивни облини, атрибути и карактеристики. Ова треба да е лесно, кога знаеме дека на убаво градено тело, речиси сè му прилега како скроено за истото. Но, не се сите луѓе такви. Секој е посебен на свој начин и секој има свој посебен вкус на облекување. Затоа, за секое тело, треба да се одбере вистинската облека.

Сега, гледајте го телото како тестенини, а облеката како сос или фил. За сласно и непогрешливо уживање во паста, потребно е да се знае како да се комбинира некој сос со одредена паста. Сосот кој го одбирате треба да ја следи пастата која ќе је користите, значи ако прво се одлучувате за сос, пастата треба внимателно да ја оберете. И обратно, ако веќе сте одлучиле за паста, подгответе сос кој ќе ја надополнува истата. Сакаме состојките и тестенините да се надополнуваат, а не да се натпреваруваат.

Генерално, колку е полесен сосот, толку поделикатна или потенка треба да биде пастата. Да земеме на пример за состојки: свежи домати, морски ракчиња, босилек и лесно масло, или пак комбинација од некои зеленчуци. Овие состојки се деликатни во својата текстура и вкус, и се богати со сопствени атрибути. Тие треба да се комбинираат со паста како капелини, спагетини или ангелска коса. Овие тестени се тенки и долги, и нивната форма одлично ќе се справи со многуте лесни вкусови. Нема да им го одземе вкусот, како што би направиле поголеми и гломазни тестенини, а ќе придонесе кон еднаков нагласок и на сосот и на пастата.

Кога имате потежок сос, ви треба паста која ќе ги издржи интензивните вкусови. На пример: зачинет колбас, црни маслинки и доматно пире, или сосови базирани на павлака, млеко или некој тежок крем. За ова ќе ви требаат ригатони, фетуче или пене. Тие се дебели, а релативно кратки. Ќе го прилепат сосот доволно за да не јадете само тесто, а ќе му дозволат на вкусот да не преовладува па ви се чини дека јадете само сос.

ПАСТА ДОМАТЕН СОСЗа сосови со лесен крем, или поретки сосови, одговараат каватели или оркеди, бидејќи нивната форма им дава можност да се однесуваат како мали лажички кои го држат сосот. Тие се погодни и за сосови кои имаат ситно сечкани додатоци, како печурки, моркови и слично.

Шпагетите се мултикорисни, бидејќи се многу практични и одат со сите сосови базирани на масло, лесни и ретки сосови, но можат да се справат и со тешки сосови со месо. Кај нив е важно да одберете квалитетни шпагети, кои ќе го држат сосот за себе и нема да имате проблеми. Затоа се и најпознати и најзастапени во супермаркетите и домаќинствата. Шпагетите се најбрз и наједноставен одговор кога сакате нешто брзо и едноставно.

И еве, втората практична лекција завршува тука. Претходно рековме дека може првин да се бира сосот, а потоа тестенините. Како и да правите, внимавајте: главна состојка е пастата. Колку и да е комплициран или уникатен сосот, вниманието треба да се насочи кон тестенините и нивното правилно одбирање и готвење. Откако знаеме како да ги одбираме тестените, следно е да разбереме кои се основните правила и трикови за нивното правилно готвење. До следниот пат! [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails