wordpress counter

Вкусна македонска приказна

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (2 гласа, просек: 5,00 од 5)


МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ

Се сеќавате ли на легендарната серија со исконски наслов: „Македонски народни приказни“? На досетките и умовите на Чорбаџијата и Чорбаџиката, дедо Господ, Сиромавиот, Ѓаволите и Трите наречници, и уште низа други ликови? Не знам со сигурност дали сė уште се емитуваат епизодите од овој национално популарен серијал, но знам дека јас лично ги обожавав. Во нив на народски хумористичен и поучен начин беа насликани македонската традиција и култура. Старовремските носии, градби, обичаи, македонскиот менталитет со сите примеси од тукашните култури… и она што мене лично секогаш ме асоцира на нив, начинот на кој сласно се м’цкаа пилешки копани, месени зелници, домашно винце и други традиционални специјалитети… мх, мх, мх…

Секогаш, без исклучок, гледањето епизода од македонските народни приказни ми отвораше таков апетит, што бев во состојба да почнам да ги грицкам ногалките на масата во нашата дневна соба. Во еден период имав желба да станам актерка и да глумам во оваа серија, само поради изобилството на храна што се консумираше. Можам да замислам колку се јадело кога се повторувале сцените, и тоа токму оние со чорбаџиските ручеци или, пак, некаде во некоја меана (90% биле намерни грешките при снимање).

Зелникот заруменет, се топи во уста… пилето троа мрсничко, троа бело мевце испечено… и некое макало, со толчена црвена пиперка… па голтка домашно црно вино, па некој ќе срка гравче, па некоја сарма… планинско сиренце, соленко и вкусно… и за кулминација, македонско грне! Зачинето телешко во земјена тава… делириум!

Кога е сè така зготвено, воопшто не ти треба глума. Сјајот во очите на актерите ти кажува колку е само вкусно. Гледаш, се насладуваш и си мислиш, да има сега едно парче сирење и некое парче месо, па да им се фрлиш и од мерак да се замастиш до лакти од убавини. Ти доаѓа внатрешен порив да земеш да ја растуриш целата кујна, да ги превртиш сите тенџериња и тави и да стокмиш еден грандиозен македонски ручек. Па да дојдат тато и мама да помагаат, па и баба и дедо да се приклучат. Еден да сечка, двајца да месат, друг да пече, трет да пржи. Па да замириса цело маало, да дојдат и соседите, да се наместат на маса подготвени за дегустација и да се отвори шише-две вино… Фантазија.

Македонското поднебје е богато со здрави и хранливи плодови. Природата нè дарувала со плодни почви, силно сонце и вредни македонски раце, кои го извлекле најдоброто од нејзините дарови. Традиционалните рецепти, кои до денес се хит во нивната речиси првична форма, биле создадени токму на овој начин. На дофат ни се секогаш свежи овошки и зеленчуци, имаме традиција на прекрасен домашно печен леб, тесто во фурна на стотици начини, располагаме со десетици домашни млечни производи и се разбира со голем, голем гурмански апетит. И покрај сето ова, често знаеме да посакуваме европски улици, егзотика и понекогаш мистика, но сите знаеме дека најдобро уживаме во тоа што ни е најблиско, најудобно и најтопло, а тоа е она нашето, македонското.

Што велите на тоа да се посветите целодневно на подготвување една убава македонска трпеза? За целосно уживање, за превкусно доживување, со познати состојки, помалку или повеќе познати рецепти, но подготвени со љубов? Одберете ги најубавите природни македонски производи и тргнете храбро во кулинарска одисеја.

Централното место нека го заземе сочно телешко, во коренести зеленчуци. Најубавите македонски јадења се готват во земјени садови, бидејќи ваквиот сад еднакво ја распоредува топлината, за целото јадење подеднакво да се зготви. Затоа, земете голем земјен сад за подготовка на главното јадење. Дајте му простор на месото да потоне во вкусот на зеленчукот и да се опие во малку вино. Ќе му треба и повеќе време за готвење, барем половина час за подготовка и околу 2 часа за убаво да се испече.

Главно јадење

СОСТОЈКИ
• 1 кг телешка удина
• 1 кг кромид со големина на орев
• 5 главици лук
• 150 г масло
• 1 чаша бело вино
• сол и црн пипер

ПОДГОТОВКА
Месото исечете го на ситни парчиња (со големина на кромидот). Кромидот и лукот исчистете ги и измијте ти. Во земјана тава ставете еден ред кромид (цели главички) и неколку чешниња лук, а преку тоа наредете од сечканото месо. Посолете го по вкус, ставете црн пипер, налејте со дел од маслото и ова повторете го сè додека не ги потрошите состојките. На крајот додадете една чаша бело вино и остатокот од маслото. Ако тавата нема капак, покријте ја со алуминиумска фолија и печете ја на 150° С 1,5-2 часа.

Во меѓувреме зафатете се со приготвување на предјадењето, кое не мора секогаш да биде шопска салата. Зелената салата и свежите домати искористете ги за декорација на сирењето, овој пат поинаку подготвено. Со додаток од млеко и лук, сирењето може да добие сосема поинаква форма и нов момент при вкусувањето. За да можете да добиете разноликост на вкусови, подгответе и паниран кашкавал. Кашкавалот треба да биде тврд, кој кога се панира, омекнува и добива поинаков растопен вкус. Дополнете го со тартар сос или, пак, со домашно приготвена варијација на мајонез. Ако имате време, можете да приготвите мајонез со вкус на краставица, копар или пак со кој било друг вкус што го преферирате. Ви треба само блендер во кој убаво ќе го испасирате додатокот на мајонезот. Ова нема да ви одземе многу време, особено ако го правите додека месото се пече. Така рационално ќе го испланирате денот, за да можете потоа удобно да уживате во вашата мајсторија.

Ладно предјадење

СОСТОЈКИ
• 600 г бело сирење
• 80 г растопен путер
• 8 чешниња рендан лук
• 20 г буковска пипер
• 40 г пресно млеко

ПОДГОТОВКА
Сирењето се ренда на ситно ренде, се додаваат путерот, млекото, лукот и буковската пипер. Се меша со жица за матење сè додека не се изедначи смесата. Потоа се сервира врз подлога од зелена салата, свеж патлиџан, краставичка. Се декорира по желба и вкус.

Топло предјадење

СОСТОЈКИ
• 300 г кашкавал
• 100 г трошки од препечен леб
• 60 г брашно
• масло
• јајца

ПОДГОТОВКА
Исечете го кашкавалот на парчиња со дебелина од околу 1 см. Секое парче валкајте го во брашно, потоа во разматено јајце и на крај во лебни трошки. Пржете во врело масло од двете страни сè додека не се вцрви. Со ова јадење се сервира разреден мајонез со бело вино или тартар сос.

За крајот на оброкот, подгответе ролат, кој не се пече. Со крцкави бисквити и вкус на чоколадо, непечениот ролат ќе биде одличен завршеток на ручекот. Нема матење филови, шлагови и глазури, ниту подготвување тесто за торти. Само измешајте ги состојките и направете ролат – десертот е готов.

Десерт

СОСТОЈКИ
• 120 г путер
• 1 јајце
• 120 г шеќер во прав
• 120 г сомелени ореви
• 120 г растопена чоколада
• 120 г мелени бисквити

ПОДГОТОВКА
Изматете го добро јајцето со шеќерот, па додајте ги оревите, чоколадата и бисквитите и сето убаво измешајте го. Путерот добро изматете го и на крајот додајте го во смесата. Штицата за месење посипете ја со кристален шеќер, истурете ја смесата врз шеќерот, па со рацете обликувајте ролат и валкајте го во шеќер. Вака подготвениот ролат оставете го да се лади односно да се исуши, па потоа сечете го.

Препорачливо е да одберете убаво бело вино со овој оброк. Бидејќи се тргнува со млечни производи, па со телешко месо и на крајот со непечен десерт, препорачувам да останете на истиот избор на вино до десертот. Телешкото месо не е толку тешко како свинското, а белото вино убаво ќе го дополнува.

Не заборавајте да поканите повеќе гости, бидејќи оваа гозба е со таква намена: да се сподели во пријатна и весела атмосфера. Навистина, одзема доста време за подготовка, но за тоа има причина и убава цел. Во секој случај, ниту еден оброк што во себе вклучува предјадење и десерт не е брз и едноставен, па така и овој. Потрудете се да уживате додека готвите, да се дружите со состојките и да му дадете дух на јадењето. Нека не ви биде напорно, ниту мачно, да ја ставите престилката и да се извалкате од глава до пети во приготвувањето на убавата македонска трпеза. Сепак, на крајот сите убаво ќе се нагостиме. [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails