wordpress counter

Волшебникот од „Ел Були“

ФЕРАН АДРИА

Најважната работа е вкусот, дали е добар или не? Што и да се мисли со тоа, резултатот е следниов: Храната во Ел Були не е исклучително возбудлива, туку е исклучително и содржајно вкусна. На пример, лажната маслинка: на изглед е вообичаена маслинка, но експлодира со сочен вкус во вашата уста како што ниедна маслинка не би можела никогаш. Во што е тајната?

Нема тајна, лажната маслинка се прави со процес кој Феран Адриа го нарекува сферификација. Тригодишен труд, чија цел е да се издвојат течности во нивната микро-тенка кожа. Значи, тоа е сок од маслинка, прочистен, исцеден и претворен во пена во форма на маслинка која се држи самата себе во таа форма сè додека не ја допрете со јазикот. Тоа не е сè, маслинката е покриена со сребреникава спирала од солено маслиново масло, која крцка како бонбона.

Ваков и други слични на овој специјалитет има само на едно место во светот. Некаде низ зелените каталонски дрвја, постои замок, во кој владее кралот со магична моќ. Тој може да претвори дрво во капка и кошница овошје во пена. Неговата моќ е уникатна и доаѓа од неговите волшебни раце и ум. Волшебникот се вика Феран Адриа и е еден од најдобрите готвачи во светот, кој всушност не готви, туку прави хемиски реакции и експерименти со храната на начинот кој најдобро го знае – молекуларна гастрономија.

Овој термин ве остава во прашалници? Секако. Молекуларната гастрономија е релативно млада научна дисциплина и се занимава со студирање на физичките и хемиските процеси кои се случуваат при готвењето. Најпросто кажано, сѐ што се случува со храната кога се готви, но од научна гледна точка.

ФЕРАН АДРИА

Инаку, Феран Адриа Акоста е готвач, роден на 14-ти мај 1962 г. во Каталонија, Шпанија. Тој е познатиот главен готвач во Ел Були ресторанот на Коста Брава. Денес се смета дека е еден од најдобрите готвачи во светот и се наоѓа во врвот на европските ресторани. Ја започнал неговата кулинарска кариера во 1980 г., во времето кога работел како мијач на садови во хотелот Плајафелс, во градот Кастељ де Фелс. Тука ја научил традиционалната шпанска кујна од главниот готвач. Потоа работел како готвач во војската до неговата 22 година, кога почнал да работи како дел од персоналот во ресторанот Ел Були. Девет месеци подоцна, станал главен готвач.

Феран тргнал со цел да обезбеди неочекувани контрасти на вкусови, температура и текстура. Неговото мото е: „Ништо не е како што изгледа“. Идејата му е да провоцира, изненади и восхити со вечерата. Како што самиот Адриа знае да каже: „Идеалниот муштерија во Ел Були не доаѓа за вечера, туку за ново искуство“.

И навистина, вечера во Ел Були е најнеобично и единствено искуство. Освен долгата листа на чекање, во која идните гости се запишуваат во текот на целата година, Ел Були е специфичен и по многу други работи. Како ресторан, работи од април до октомври. Останатите 6 месеци, Адриа ги поминува во подготовка на рецептите во работилницата Ел Таљер во Барселона. Познат е по гастрономското мени со 30 оброци. За време на тие 6 месеци, персоналот истражува и планира нови оброци за следната година, а тоа е процес кој тече чекор по чекор и каде теоријата се претвора во реалност.

СУПА ВО ЕЛ БУЛИФеран е познат по подготовка на т.н. кулинарска пена. Во неговата потрага по нови вкусови, Адриа ги отфрла јајцата и павлаката за правење пена или шлаг и истите ги прави исклучиво од главната состојка и воздух (комбиниран со азот оксид).

Кога прв пат тргнал на ова патување, Адриа немал идеја како ќе ја создаде таа нова кујна која ја имал замислено. Единствено го водело прашењето: зошто храната е зготвена онака како што е зготвена? Еден одговор дал и самиот, велејќи дека традициите се создадени за да бидат рушени, или наједноставно да прави нови работи од стари концепти. Така, тој пилешкото со кари го гледал како стар концепт, се одлучил да го подготви како што никогаш претходно не било подготвено и го создал сега светски познатиот оброк, каде сосот е во цврста агрегата состојба, а пилешкото е течно.

Меѓу креациите на Феран се наоѓаат пена од еспресо, пенести печурки и пенесто цвекло. Исклучително барани се равиолите од сипа, „облечени” во кокосово млеко. Има уште мал милион чуда од храна кои Адриа лично ги креирал, а меѓу нив се: кисела бонбона од замрзнато виски, кршен мраз од боровинки со вкус на тутун, како и Паеља Келог (ориз, глави од морски ракчиња и пире од компири со вкус на ванила). Само името на специјалитетот е зачудувачко, а камо ли вкусот. Не му е без причина дадено името Салватор Дали во кујната.

Замрзнат шеќер во форма на лушпа од јајце, полнета со крцкав кокос и сладолед со вкус на дрвото од кое се прави бурбон и десетици други вакви уникатни јадења, кои се апсолутно здрави за консумирање и да, навистина постојат!

Г-дин Адриа сега цели кон нови изуми и својата храна ја насочува повеќе кон пристапна, отколку зачудувачка. Ел Таљер не престанува со истражувања и деликатна подготовка за следното мени, а нам ни останува да се надеваме дека некогаш ќе имаме прилика барем да им се приближиме на овие чудесни творби од храна. До тогаш, ние ќе ви овозможиме барем да погледнете дел од нив во категоријата FOODTUBE. Уживајте! [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails