wordpress counter

Здрав појадок

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (1 гласа, просек: 5,00 од 5)


ЗДРАВ ПОЈАДОК (shallowend • Flickr)

Станувате наутро, набрзина се облекувате, брзате да стигнете на работа и немате време за појадок. Можеби по пат ќе земете некој ѓеврек, печиво, лиснато тесто, кроасан, пита, бурек, ако имате среќа и време додека сте дома можеби ќе си спржите јајца, ќе сварите виршли, ќе спремите некој сендвич со шунка и кашкавал или ќе си направите тост.

За жал, кога станува збор за здрава исхрана, ниту една од опцииве не е некој одличен начин да се почне денот. Навистина многу луѓе имаат проблем што се однесува на здрав појадок – или немаат време да го приготват, или пак, немаат некој голем избор.

Немањето време е навистина проблем, бидејќи значи дека го почнувате денот со празен стомак, па додека да стигнете на работа или училиште/факултет, нивото на шеќер во крвта ви е на опасно ниско ниво и вие самите чувствувате потреба за благо. Ви треба инстантна доза од шеќер, која вообичаено се состои од кроасани, благи печива, крофни или некој друг лош избор. Лошиот избор на храна е исто така проблем. Кога веќе ќе го напуштиме домот, сѐ што можеме да најдеме низ вообичаените места за појадок е или со премногу јаглехидрати (кифли, ѓевреци, пити, кроасани, тостови, крофни), или пак со многу масти (пржени јајца, пирошки, бурек, ладни сендвичи со шунка, сланина, кашкавал…).

Изгледа дека сме заглавени со лош избор… Тогаш, што ни останува да јадеме наутро? Всушност, има навистина голем избор. Јас ќе ви дадам неколку интересни, едноставни и вкусни предлози, а и вие самите ќе можете да си најдете нешто што ќе одговара на вашиот вкус и динамика. Тоа што треба да го барате, треба да е богато со протеин и без сатурирани масти, да има интегрални состојки, да вклучува ниско маслено млеко или млечни производи и да содржи влакна и натриени.

Но, што ако пак немате време? Мора да најдете време! Направете време! Разбудете се 15 минути порано. Подгответе го појадокот претходната вечер и чувајте го во фрижидер. Подгответе нешто набрзина и изедете го на пат кон работа, или веднаш кога ќе пристигнете и не дозволувајте никогаш да помине повеќе од 1 час од будењето до појадокот. Јас лично ја препорачувам првата опција. Станете малку порано, убаво е да имате време да се напиете едно кафе или топол чај заедно со вашиот појадок, додека сѐ уште сте дома и пред да започне дневното лудило.

ОВЕСНИ СНЕГУЛКИ, ЛЕНЕНО СЕМЕ, БОБИНКИ И БАДЕМИ
За мене, навистина совршениот појадок. Има одлична пропорција помеѓу јаглехидратите, протеините и мастите, многу е лесно и брзо за правење, ви ја дава потребната енергија за во текот на денот и го стабилизира нивото на инсулин во крвта. Подгответе го набрзина, мешајќи го овесот со млеко или вода и додадете ги сите останати состојки. По вкус, додадете малку мед или цимет, но не многу, а ако имате потреба од екстра енергија додадете и пола миксирана банана.

СВЕЖО ШУМСКО ОВОШЈЕ, ОВОШЕН ЈОГУРТ, ЖИТАРИЦИ
Оваа комбинација е многу слична на претходната, но содржи малку повеќе калории и има малку поголема енергетска вредност. Внимавајте на масленоста на овошниот јогурт – нека не биде повеќе од 1.5%, т.е. колку помалку, толку подобро. Житариците може да бидат било кои, но пак читајте ги енергетските вредности на етикетата, бидејќи многу лесно можат да ве наведат да земете житарици со многу шеќер и калории. Мои омилени се муслите од јаболко и чоколадо. Ги има во сите продавници, а имате и релативно голем избор на вкусови.

ПРЖЕНО ТОФУ
Поздраво е од пржени јајца. Се приготвува брзо. Додадете кромид, пиперки или некој друг зеленчук. Додадете зачини, а може и малку сос од соја. Јадете го заедно со интегрален леб. Тофу-то е вид на сирење кое се добива во процес на коагулација на соино млеко, на сличен начин како што обичното сирење се добива од млекото. Го има во сите поголеми маркети.

СВЕЖА ОВОШНА САЛАТА
Исечкајте колку што сакате јаболка, диња, лубеница, бобинки, портокали, круши, банани, грозје, сите или било кои сезонски овошја, вашите омилени овошја, додајте малку сок од лимон и една лажица мед. Одлично.

ПРЖЕНИ ЈАЈЦА СО ПИПЕРКИ
Јас лично не обожувам пржени јајца, но сигурно има многу луѓе кои ги сакаат. Очигледно не е најдобриот избор за појадок, но ако направиме неколку мали измени на стандардните пржени јајца, ќе добиеме многу поздрав оброк. Наместо целите јајца, пробајте да ги одделите само белките. Имаат чисти протеини и се многу поздрави од жолчките. Пропржете ги со малку маслиново масло (а не сончогледово), додадете брокула, кромид, секако пиперки и зачини. Оди одлично со тост од интегрален леб. [ЕЛИ ЦВЕТКОВА]

Related Posts with Thumbnails