wordpress counter

Несмасни во кујната?

НЕКОЛКУ НЕСМАСНИ РАБОТИ КОИ СМЕ ГИ НАПРАВИЛЕ ВО КУЈНАТА

Централното место во нашите домови, кујната, е сведок на многу глупави работи кои сме ги направиле без да размислуваме. Некои од нив завршиле со смеење, но некои и со помали или поголеми повреди. Еве еден список, кој се однесува на најчесто направените грешки додека подготвуваме јадење или додека ја средуваме кујната по некоја забава. Доколку и вие имате некоја слична приказна – слободно раскажете ни ја.

ОТВОРАЊЕ НА РЕРНАТА БЕЗ РАКАВИЦА
Секој од нас кога проверувал дали е готово јадењето го доближил своето лице повеќе од што е потребно, па сме се почувствувале како некој да ни запалил греалка пред очи. Или, пак, сигурно сте се заборавиле и сте се обиделе да го извадите садот со храна без крпа или ракавица.

ОТВОРЕНА ЧЕШМА
Мене лично ова не ми се случило, но имам познаници на кои дури и им се повторува оваа ситуација. На пример, ќе ја пуштат чешмата за да ги измијат свежите јаготки или цреши што ги купиле, ќе заѕвони мобилниот, а водата си тече и си тече…

ШПАГЕТИ ВО МИЈАЛНИК
Шпагетите се сварени и треба да ја истуриме водата од тенџерето. Цедалката и онака сме заборавиле да ја ставиме. И покрај големото внимание што го посветуваме на цедењето, половина од тестенините завршиле во мијалникот. Некои од нас ги вратиле назад во садот, додека некои се откажале од ручекот и заминале право во ресторан.

РАКИЈА НАМЕСТО ЛАДНА ВОДА
Многу често, особено ако сѐ уште живеете со родителите или партнер кој сака да си пивне, во фрижидерот може да налетате на пластично шише, ама наместо со вода полно со ракија. Вие се будите жедни околу 4 часот наутро, поспани тргнувате кон фрижидерот, го отворате шишето и пиете на екс. Додека го осетите вкусот, веќе сте испиле 3-4 добри голтки.

БЛЕНДЕР
Ставаме во блендерот јагоди, млеко, шеќер, може и некое друго овошје и си правиме некој убав шејк. Одвај чекаме да го пробаме и додека блендерот сѐ уште си работи, ние го подигнуваме капакот и стоиме знаемени едно 5 секунди. Конечно си доаѓаме на себе и сфаќаме дека нема ништо од нашиот шејк, а облеката оди директно во машината за перење. Зависи од ситуацијата, но многу е веројатно дека ако има некој покрај нас во тој момент ќе си го изеде за сѐ.

Related Posts with Thumbnails