wordpress counter

Ајде на кафе!

::wintertwined:: (Flickr)

Културата на пиење кафе е долго присутна во европската и американската традиција. Со намера велиме култура на пиење, затоа што пиењето кафе е настан кој со себе носи социјална димензија. Кај нас кафето е омилениот напиток и полека но сигурно и’ го одзема приматот на жолтата ракија. Се пие во секоја прилика: со пријатели, со колеги, со роднини и соседи кога ќе дојдат на гости, со поубавата половина, на факултет, кога ќе киднеме од часови, на состаноци, после ноќ со многу алкохол, наутро со цигара… списокот е речиси бескраен. Омилената реченица која ја слушаме и изговараме барем еднаш во денот е: „Ајде на кафе!“. Нема ништо поубаво од шолја кафе со пријателите на некоја од терасите на бројните кафулиња, додека сонцето нежно ве гали по образите.

Но, она што го прави кафето толку привлечно, покрај дружењето што ни го подарува, е и големиот број вкусови и видови што ги нуди. Буквално и најпребирливите може да најдат кафе кое ќе одговори на нивните критериуми. Списокот што следи не претендира да ги опфати сите вкусови на кафето затоа што тоа е невоможно во ваков тип на текст, туку повеќе е обид да ви ги претстави некои од вкусовите, од кои повеќето кај нас ги нема и кои ќе ги најдете само ако заминете надвор од нашите граници. А, за тоа каде и какво кафе можете да се напиете во Скопје во некоја наредна прилика.

Сега ве препуштаме на магијата на вкусовите. Дозволено е самите да си замислите каде и со кого ќе го пиете кафето:

МИРИЗЛИВО КАФЕ – иако знаеме дека секое кафе додека го вариме мириса убаво и ја исполнува кујната со совршена смиреност, постојат и таканаречени миризливи кафиња кои можат да бидат зачинети и со меки мирисни ноти кои потсетуваат на мирис на цветови. Такви кафиња се Organic Blend и Mocha Sidamo.

ИНТЕНЗИВНО КАФЕ – овие кафиња имаат богат вкус и за нив често се вели дека се јаки кафиња. Не поради тоа што имаат многу кофеин во нив, туку поради присутвото на силна длабочина на вкусот. На пример French Continental Blend е одличен начин да се заврши ручекот во недела попладне во друштво на поширокото семејство.

ЗАЧИНЕТО КАФЕ – ароматични кафиња со егзотични нијанси на цимет, бибер или каранфилче. Вообичаено доаѓаат од Далечниот Исток или Индија. Ако сакате средно темно печено кафе, тогаш Monsooned Malabar e вистинскиот избор.

ЧОКОЛАДНО КАФЕ – мазно и ароматично кафе, кое откако ќе го голтнете остава нежна трага од ванила. Ова кафе е малку, речиси незабележително горко, со што потсетува на вкусот на темното чоколадо. Најубаво е да се пие не многу доцна, веднаш по убава домашна вечера.

ОВОШНО КАФЕ – нежно сладникав вкус со овошни нијанси. Експертите се пофалија дека досега откриле ноти на зелено јаболко, цитрон и шумски плодови. Овој тип на кафе е освежувачки и полн со живост.

СЛАТКО КАФЕ – некои кафиња се слатки, но тоа нема никаква врска со додавањето шеќер во нив. Станува збор за меко и не многу јако кафе кое во себе носи алузија на карамела или овошје. Костариканското кафе La Laguna е тоа што ќе ве одведе на прошетка по американските полиња со кафе.

СВИЛЕНО КАФЕ – ова кафе има чоколадни, слатки или зачинети нијанси. Остава мек вкус во устата и може да се пие во било кој дел од денот.

Кое кафе и да го одберете, сигурни сме дека ќе уживате во магијата на мирисот и вкусот. Ако притоа се дружите со вашите блиски луѓе, а кафето го прави врвен шанкер, вие веќе се шетате по широките ходници на задоволството.

Related Posts with Thumbnails
Коментирај

Spam Protection by WP-SpamFree

MILK

©2009-2015. Сите права се задржани.  |  „Гурман“ е регистрирана трговска марка.

Материјалите и содржините објавени на порталот се во интелектуална сопственост на издавачот и смеат да се користат само за лични, некомерцијални потреби.
Забрането е копирање, преземање, менување, адаптација или било какво друго користење на содржините без претходно писмено одобрување од сопственикот на правата.

Останато во ПИЈАЛАЦИ