wordpress counter

Лонг ајленд

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (Нема гласови)


ЛОНГ АЈЛЕНД КОКТЕЛ

Епа еве, конечно стигнав и до Long Island Ice Tea. Релативно нов и релативно популарен коктел кај нас. Слушам многу луѓе во последно време како го пробале и како им е нов омилен коктел. Кафулињата по дефиниција, сè што е ново и популарно го додаваат на своето мени. Највообичаената реакција на коктелот е дека после само една чаша се чувствувате како да сте испиле пола литар ракија. Што е тајната?

Нема да одрекувам дека во еден рецепт на Long Island Ice Tea има многу алкохол. И тоа не само што има многу алкохол, тука има и многу различни видови на алкохол. Она што најмногу го гледате по полиците низ кафулињата е ставено во овој коктел: вотка, џин, текила, рум и Трипл Сек. За жал, повеќето шанкери го изоставаат Трипл Сек-от, меѓутоа и без него се добива навистина богат и тежок коктел. Моментот со брзото обземање е во бројот на алкохолни пијалаци во него. Самите знаете дека ако мешате алкохолни пијалаци, многу полесно може да ве „фати“. Епа со овој коктел, во една чаша добивате 5 видови алкохол, а со две чаши добивате двојно од тоа. Единствено што нема е чај, што би можело да се очекува според името на коктелот, меѓутоа кога ќе го пробате, по малку наликува на чај, токму поради тоа се гарнира со парче лимон.

Рецептот за прв пат бил приготвен некаде во седумдесеттите, па споредено со повеќето класични рецепти кои биле измислени во триесеттите, станува збор за релативно нов коктел. Наречен е според најголемиот остров во САД – Long Island, а е доста популарен и во телевизиските серии и филмови.

СОСТОЈКИ
• 15 мл вотка
• 15 мл џин
• 15 мл текила
• 15 мл рум
• 15 мл трипл сек
• 20 мл sour mix
• Кока Кола

ПОДГОТОВКА
Сите состојки, освен Кока Кола-та, се ставаат во шејкер, се додава мраз и се протресува. На крај се истура во висока чаша и се дополнува со Кока Кола до врвот на чашата. Се гарнира со парче лимон.

Се разбира, направете го ова со добри брендови на алкохол како: Absolut, Beefeater, 1800Tequila, Baccardi, Cointreau и ќе добиете одличен вкус.

Sour Mix
е претходно приготвена смеса од еднакви количини на лимонов сок и сок од лимета, промешани во шејкер заедно со мраз. Овој микс обично се приготвува од свежо цедено овошје и потоа се чува неколку дена во фрижидер за потребите на приготвување коктели затоа што е честа состојка во голем број на пијалаци. По вкус, можете да додадете и многу малку шеќер.

Јас лично преферирам во коктелот наместо sour mix да додадам џус од ананас, кој ќе му даде многу по пријатен и поблаг вкус.

Овој рецепт е основа на многу варијации, кои по малку се разликуваат од него, како: Electric Lemonade, Purple Rain, Blue Motorcycle, итн. [ЕЛИ ЦВЕТКОВА]

Related Posts with Thumbnails