wordpress counter

Менхетен

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (Нема гласови)


МЕНХЕТЕН КОКТЕЛ

Уште еден класичен пијалак, кој заедно со мартини се веројатно најпопуларните коктели на минатиот век, па дури и подолго од тоа. Во неговиот век на постоење претрпел многу промени, особено во количинскиот однос на состојките. Менхетен коктелот се прави со виски, сладок вермут и битер. Многу редок коктел кај нас, веројатно поради големата количина на виски што би повлекла висока цена на коктелот, но сепак, тоа не значи дека кога би го имало, не би бил навистина популарен коктел.

Слично како и кај останатите коктели кои се постари повеќе од 100-тина години, историјата и потеклото им се малку бледи, па затоа има неколку варијанти на приказната. Една од нив е дека коктелот за прв пат бил послужен во 80-тите години од 19-от век во клубот Менхетен, при што имал многу поголема количина на сладок вермут од коктелот што се приготвува денес. Друга варијанта е дека за прв пат бил приготвен во барот Менхетен за г-ѓата Рандолф Черчил, односно мајката на британскиот премиер Винстон Черчил, која била ќерка на некој американски милионер. Најверојатната историја е дека тој е еден од петте коктели кои биле направени како обележја на петте области на Њујорк – Brooklyn, Bronx, Manhattan, Queens, Staten Island.

Оригиналниот рецепт вклучувал виски од р’ж, но денеска вообичаено се приготвува со бурбон виски. Најпознати брендови на бурбон се: Four Roses, Buffalo Trace, Jim Beam, Heaven Hill, Maker’s Mark, Wild Turkey и Woodford Reserve. Овде ќе напоменам дека Jack Daniel’s и Johnnie Walker, кои се најчесто присутни вискија кај нас, не спаѓаат во групата на бурбон виски, затоа што Jack Daniel’s е Tennessee Whiskey, а Johnnie Walker е скоч (Scotch), односно шкотско виски.

СОСТОЈКИ
• 70 мл бурбон виски
• 35 мл сладок вермут
• 2 капки битер

ПОДГОТОВКА
Шејкерот се полни со мраз, се додаваат сите состојки, се меша со лажица и се процедува во коктел чаша. Се гарнира со мараскино цреша.

Мараскино цреша (Maraschino cherry)
Козервирана цреша, засладена со шеќерен сируп која се чува во раствор од сулфур диоксид, алкохол, вештачки додатоци за боја и други состојки. Се користи за гарнирање на коктели.

Битер
Алкохолен пијалак кој содржи растителни екстракти, екстракт од цитрон и има малку горчлив вкус, ист како оној на цитронот. Од таму доаѓа името bitter (горчливо). Се користи како додаток во многу мали количини во многу коктели.

Денес, во најсовремената верзија на Менхетен коктелот многу бармени имаат тенденција да не додаваат битер во рецептот, што му дава многу посладок вкус. Но, тоа не го прави ништо помалку добар од оригиналниот рецепт. Сладок вермут пак, кој најлесно може да се најде е Martini Rosso. Наздравје! [ЕЛИ ЦВЕТКОВА]

Related Posts with Thumbnails