wordpress counter

Мохито, мојот прв коктел

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (1 гласа, просек: 5,00 од 5)


МОХИТО, МОЈОТ ПРВ КОКТЕЛ

Кој беше првиот коктел што го имам пробано? Вечерно излегување со другарките, некое местенце во кое во happy-hour на менито додале некој коктел наречен Моjito. Тие го нарачуваат, па си мислев дека ова мора да е нешто fancy, нешто што очигледно е во мода и веројатно треба да го пробам. Навистина, кога некој што никогаш не пробал коктел ќе ве праша што да нарача, одговорот што ќе му го дадете мора да биде добро обмислен, или ќе го осудите човекот на живот исполнет со пиво или вино.

Првиот коктел што ќе го препорачате е навистина голема одговорност. Треба да ги исполни очекувањата, кои вообичаено бараат сладост, малку киселост и се разбира, добар вкус. Навистина, луѓето кои прв пат вкусуваат коктел, очекуваат тој да биде лесен, сладок и по можност да не се чувствува алкохолот во него. Ако пак се работи за лето, тогаш изборот е навистина лесен. Одличен коктел кој може да ве внесе во светот на коктелите – Мохито!

За жал, уште еден од коктелите кој во нашите кафулиња е релативно нов и кој се разбира, се приготвува неправилно. Претпоставувам дека како и секоја (помалку) заостаната држава и ние сакаме да ги следиме светските трендови. Според моето знаење, Мохито коктелот кафе-баровите започнаа да го популаризираат последниве две лета, карактеризирајќи го како летен освежителен пијалак и тоа е сосема во ред… само што имав еден несреќен „date“ со еден од моите мохито коктели, во кој по некоја случајност залутал магдонос наместо мента. Како и да е, да видиме како навистина се приготвува овој летен коктел.

СОСТОЈКИ
• 70 мл бел рум
• 30 мл сок од лимета (или лимон)
• 35 мл шербет
• 10-тина свежи ливчиња мента (нане)
• газирана минерална вода

ПОДГОТОВКА
Во металниот дел од шејкерот ставете 6-7 ливчиња мента, додадете го шербетот и сокот од лимета. Со толчник истолчете ја смесата, сѐ додека не се добие конзистентност. Потоа додадете го румот и дополнете го шејкерот со мраз и протресете. Потоа, содржината од шејкерот се процедува низ цедалка и се сервира во висока чаша полна со мраз. Дополнете ја чашата со газираната минерална вода, гарнирајте со останатите 3-4 ливчиња мента и неколку парчиња лимета или лимон.

Доколку немате претходно приготвен шербет, можете наместо шербет да ставите 2 лажици шеќер, но внимавајте при толчењето тој целосно да се растопи. Доколку сакате коктелот да има малку посладок вкус, можете да користите Sprite или 7up наместо газирана минерална вода.

Од начинот на приготвување гледате дека состојките од шејкерот се процедуваат во чашата, што значи дека не треба да имате парчиња мента во чашата, или скраја да е, цели ливчиња. И само како едно мало надополнување – ментата е всушност само латинското име на нането, што кај нас е достапно во големи количини, а за вашето Мохито користете само свежи ливчиња нане. Бел рум можете да користите од било кој бренд. Кај нас најлесно достапен е Baccardi. Пријатна забава и се надевам дека овој коктел и вас ве внесе во генерацијата на нови коктел консументи. [ЕЛИ ЦВЕТКОВА]

Related Posts with Thumbnails