wordpress counter

МОЈАТА ТОРТИЉА, НАПРАВЕНА НА ФИЛМ

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (Нема гласови)


ТОРТИЉА

Сосема случајно, барајќи момент што ќе ја разбие монотонијата на врнежлив вторник, загледав еден филм. Неколку млади странци залутале низ Мадрид, а бараат авантура иако не знаат ни каде се и не знаат ни збор на шпански. Исто како на филм, си најдоа една пријателка, која ги смести на нејзиниот имот во мадридската периферија и младиве странци ја најдоа својата авантура. Да внимавав на нивните реплики и случки, ќе можев и да кажам што точно им се случуваше, но моите сетила перцепираа сосема друга слика.

На влезот од хациендата зеленило, шаренило, а во кујната на куќата ботаничка градина. Домаќинката (сценографот), очиглено голем гурман и кулинар, ги подредила зеленчуците и тревестите зачини низ целата просторија. А тие свежи, на нив сè уште стои утринска роса, да ти е мерак да влезеш во кујната. Одеднаш, гледаш како ситно и умешно се сечка кромид и домати, дури се грее масло на тава во позадина. Како што се лизгаат црвените парченца домат во тавата, така домаќинката зачинува со нешто зелено, право во тавата и во истиот момент почнува да се пржи и да се крева пареа, која незаменливо мириса. Гостите, намамени од аромата, полека се прибираат околу кујната и љубопитно ѕиркаат во мајсторијата на домаќинката (која по физичкиот изглед никогаш не би го изела сето она што го готви). Ги нареди чиниите на големата маса, до нив едно чинивче со зелен сос, едно со црвен сос, на парчиња исечен леб од фурна (лепчето чади). Се слушаат чекори по скали и следна слика – сите ручаат со сласт од шпанските специјалитети… дали бев толку гладна, или навистина замириса дури низ мојата соба… инстантно станав и право во кујна. Ќе готвам шпански ручек!

Свеж домат – нема!
Зелен зачин – не знам кој е!
Кујна како на филмот – само во Шпанија!
Кромид – има! Колку сакаш!

Стоев така неколку минути, разочарана што немам време да обезбедам сè што ми треба за шпански специјалитет, кога во дел од секунда се сетив – ТОРТИЉА!!! Без сомнение, најомиленото и најчесто приготвуваното јадење низ цела Шпанија. Овој збор сум го слушнала милион пати, сум читала за него, а никогаш не сум го зготвила.

„Откажете за вечер и дојдете кај мене. Подготвувам Tortilla Española!!! „Испратив две sms пораки и се фрлив на готвење. Тортиљата е уште позната под името Tortilla Patata или омлет со компири. Моите пријатели веднаш се сложија да ми се придружат за вечера, со коментар: „Никогаш не сум јадела такво нешто, доаѓам сигурно!”. Можам да се обложам дека немаат ни идеа дека тортиљата е всушност омлет, но како и да е, звучи шпански! Многу едноставно за приготвување, слично на македонската кујна и ќе ви одземе најмногу 40-тина минути. Она што ви треба се неколку средно големи компири, 1 голем кромид, неколку јајца, масло и сол.

Тортиљата има многу варијации. Јас, ја сервирав на големи парчиња, со додаток ајвар и македонско кравјо сирење. Моите пријатели повторно ми се заблагодарија на вкусното изненадување, и си посакавме почесто да уживаме во латино музика, дури вечераме оригинална шпанска храна. Луѓе, јадевме само омлет и ајвар!!! [МАЈА БАЛША]

СОСТОЈКИ
• 6-7 средно големи компири, излупени и исечкани по должина
• 1 цел кромид, излупен и исечкан на коцкички
• 5-6 јајца
• 2-3 кафени лажички масло за пржење (по можност маслиново)
• сол по вкус

ПОДГОТОВКА
Ставете ги сечканите компири и кромид во сад и измешајте ги. Посолете. Во поголемо тавче, ставете го маслото да се згрее. Ставете ја смесата од компири и кромид на тавата и растурете ја низ целата површина. Оставете компирите да се испржат. Соберете ја смесата во лажица или цедалка и сместете ја во друг сад. Искршете ги јајцата и изматете ги убаво во поголем сад, а потоа додате ги изпржените компири и кромид. Убаво измешајте ја целата смеса со голема лажица. Повторно истурете ја смесата од јајца, компир и кромид во тавата и распоредете ја еднакво низ површината. Откако долната страна е целосно поруменета, готово е да се преврти и да се пржи од другата страна. За ова ќе земете рамна чинија, и ќе ја ставите врз тавчето, откако ќе го тргнете од оган. Со едната рака држете го тавчето, со другата чинијата врз тавчето и брзо превртете за омлетот да падне во чинијата. Вратете ги јајцата во тавата и формирајте го омлетот дури се пржи за да добие убава тркалезна форма и оставете го да се готви 3-4 минути. Потоа, тргнете ја од оган и оставете ја тортиљата во тавата 2-3 минути.

Може да се сервира на парчиња, за 6-8 лица. Може да се служи со француско лепче, салати или пак со уште еден автентичен шпански сос sofrito.

Sofrito
Шпански збор за убаво зготвен и миризлив сос. Има многу начини на приготвување, но најчесто се прави од следниве состојки: домати, кромид, лук, зелени пиперки и маслиново масло. Сите сосјтоки се сечкаат и ставаат во блендер. Се процесираат сè додека не се добие убаво соединета смеса. Може да се додаде и целер, по желба.

Related Posts with Thumbnails