wordpress counter

Палачинки за сите

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (5 гласа, просек: 5,00 од 5)


ПАЛАЧИНКИ ЗА СИТЕ

Кога копнежот го надвладува разумот, а е доцна навечер и нема од каде да се нарача нешто готово, или пак ве има фатено некоја необична мрзеливост за излегување надвор по храна, си земате неколку јајца, брашно и вода и сè друго што може да ви се најде по дома (за јадење, се разбира).

Претпоставувам ја знаете процедурата за подготовка на тесто за палачинки. За околу 40-тина палачинки потребни ви се 3 јајца, неколку супени лажици брашно, минерална вода или млеко. Сето тоа треба убаво да се измати. Следно е печење на палачинките, на убаво загреано тавче што не лепи, со масло. Но, пред да го направите тоа, застанете на момент и погледнете ги следниве предлози.

Доколку сте љубител на јаки вкусови и зачини, во тестото ставете неколку капки чили, или ако тоа е пресилно за вашиот вкус, ставете малку сушен црвен пипер, кој на тестото ќе му даде луткаст вкус, но и убава портокалово-црвена боја, во зависност од тоа колкава количина ќе употребите. За поинаков вкус и боја, ситно исечкајте целер, кој има силен свеж мирис и вкус, а тестото ќе го обои во зелено. Исто така, може да се користат магдонос и спанаќ, но со нив ќе добиете само зелено тесто. Сè зависи од вашата моментална желба и потреба.

За слатки палачинки веќе е познато какаото за чоколадна боја на тестото, како и употребата на бои за храна. Нив ги има во повеќе видови, а за тесто од овој вид најдобри се боите во прав и се разбира оние кои даваат и одредена арома. Така можете да го комбинирате омиленото овошје на различно обоени подлоги, врз кои белата шлаг крема изгледа уникатно и различно, бидејќи се добива убав визуелен контраст на боите.

Мој хит се палачинките со парчиња зеленчук во тестото. Земете еден свеж домат, тиквичка и моркови. Излупете го зеленчукот и изрендајте го, но внимавајте морковот да биде покрупно рендан, за да не је изгуби бојата. Сето ова додадете го во смесата за палачинки, како и малку бибер и зачин по вкус и потоа на истиот начин печете. Тестото треба да порумени од двете страни, по што е готово за консумација. Можете да го премачкате со фета сирење или ниско-калоричен јогурт.

Земете си слобода и направете ваш личен избор на зеленчук и додатоци за тестото и разубавете си ја вечерата. Ова е одличен начин за уредување и дополнување на трпезата за вечера или забава, кога очекувате повеќе луѓе. Комбинирајте со боите и вкусовите, украсете со свежа зелена салата или, пак, шлаг крема ако се работи за десерт и почнете да нуркате во купот храна. Делишс! [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails