wordpress counter

Три рецепти со круши

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (2 гласа, просек: 5,00 од 5)


И крушата е еден од плодовите кои го красат ова годишно време. Може да се консумира свежа, но може да биде и составен дел од бројни јадења. Со оглед дека не можевме да се решиме, денес ви донесуваме три рецепти: салата со круши, свинско месо со круши и за крај, мафини со круша.

Салата од круши

СОСТОЈКИ: ¼ шолја маслиново масло, 2 големи лажици сок од лимон, 1 мала лажица мед, 200 гр рукола, 3 круши, 80 гр горгонзола, сол и бибер.

ПРИГОТВУВАЊЕ: во сад, промешајте ги маслиновото масло, медот и сокот од лимон. Зачинете со сол и бибер по вкус. Во поголем сад, измешајте ја руколата заедно со крушите исечени на тенки кришки. Додадете го претходно приготвениот прелив и добро измешајте. Декорирајте со дробено сирење. Се служи веднаш.

.

Свинско месо со круши

СОСТОЈКИ: 1 лажица маслиново масло, 1 лажица путер, 1 круша, 500 гр свинско каре, 1 мала лажица сенф и 10 листови пршута.

ПРИГОТВУВАЊЕ: излупете ја крушата и исечете на кришки. Загрејте ја рерната на 200 степени. Во сад за пржење, загрејте маслиново масло и путер, а потоа крушите пржете ги по 2-3 минути од секоја страна. наредете го месото со парчиња пржена круша и листови пршута. Заврзете го со кујнски конец и ставете го да се пече. Печете 10 минути, а потоа намалете ја температурата на 180 степени и печете уште 45 минути.

.

Мафини со круши

СОСТОЈКИ: 450 гр брашно, 300 гр круши, 2 мали лажици прашок за печиво, ¼ мала лажица цимет, ¼ мала лажица мускатно оревче, 100 гр шеќер, 2 јајца, 400 мл млеко, 1 кесичка ванилин шеќер, 25 гр мелени ореви, 150 гр путер и 20 гр шеќер во прав.

ПРИГОТВУВАЊЕ: изматете ги јајцата, а крушите излупете и исечете ги на коцки. Во сад со просеано брашно, додадете прашок за печиво, обичен и ванилин шеќер, мелени ореви, коцки круша, цимет и мускатно оревче. Промешајте убаво. Во садот со изматени јајца ставете растопен путер и измешајте со жица. Постепено налевајте го млекото и постојано мешајте. Оваа смеса прелијте ја во садот со брашно и направете тесто. Обложете го калапот за мафини со чашички од хартија и наполнете ги со тесто до 2/3 од висината. Печете 15 минути на 200 степени. Декорирајте со шеќер во прав.

Related Posts with Thumbnails