wordpress counter

Колачот на баба

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (2 гласа, просек: 5,00 од 5)


КОЛАЧОТ НА БАБА

Кога сонцето ќе почне да си ги пакува работите за да го напушти овој работен ден и при тоа ќе го пушти својот другар спектарот на најубави бои како негова последна трага, тогаш почнува да ми недостасува еден незаборавен мирис од детството. По целодневно трчање, играње и скокање по жешкото сонце, немаше ништо поубаво од овошниот колач на баба. Така убаво замесен, испечен и накитен со растопливи овошки од нашата градина, ме чекаше на масичката од летната кујна. Ќе го буцнев носето во шеќерната ванила и мљац, мљац до последниот залак. „Бабооо, дај ми водичка!“ А таа, со сето искуство насобрано во нејзините раце, подготвува уште еден ист таков, затоа што првиот го снемува во еден здив.

Неодамна, сосема случајно почувствував нешто во воздухот кое ми беше толку познато и во миг се сетив дека тоа е мирисот на мојот колач од детството. Секоја среќа што денес постојат милиони начини на комуникација, па не беше проблем да го побарам од баба ми стариот рецепт. И погодете што? Успеав да направам ист како нејзиниот овошен колач. Сепак, можеби има нешто во гените. Уживајте. [МАЈА БАЛША]

СОСТОЈКИ
• 4 јајца
• 250 гр шеќер
• 120 гр остро брашно
• 200 гр масло
• 200 гр млеко
• овошје по желба

ПОДГОТОВКА
Изматете пена од белките, додајте го шеќерот и жолчките, а потоа постепено матејќи додајте го маслото, млекото и брашното. Измешајте сè добро и ставете ја смесата во подмачкано четвртесто тавче за печење. Преку смесата наредете го овошјето, ставете одозгора малку шеќер и издробете 5-6 бисквити. Печете го во рерна на 150° С, околу 35-40 минути, а кога ќе се испече посипете го со шеќер во прав помешан со ванила.

Related Posts with Thumbnails