wordpress counter

Полжавчиња од ореви

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (1 гласа, просек: 5,00 од 5)


ОРЕВИ

Се сеќавате на куќните слави, домашни веселби и слични собири за кои нашите мајки и баби знаеја со денови претходно да спремаат тони храна за неброените гости кои редовно доаѓаа? Јас многу добро се сеќавам, посебно на делот кога во кујната се случуваше вистински маратон. На еден крај се месат кифли и пити, на другиот се матат филови и теста за благи, на третиот се сечкаат салати, а некаде се пржи или пече месо од сите видови. Кога сѐ ќе биде готово, уредно се сервира во големи чинии и се реди на долги маси, во исчекување на оние кои тоа сласно ќе го изедат.

Некаде меѓу тие купови храна можеше да се почувствува поинаков мирис, кој секогаш ѝ даваше поинаков лик на накитената маса. Познат мирис, на слатко тесто и на вкус кој се бара со ноздрите. Кога ќе ги насетиш каде се сместени, а уште пак кога ќе ги видиш како се наредни и заруменето се смешкаат, веднаш ги чувствуваш низ забите како шеќерно крцаат. Тогаш посегнуваш и си грицкаш едно оревно полжавче, замесено од бабините раце и испечено со нејзината љубов. На здравје! [МАЈА БАЛША]

СОСТОЈКИ
Тесто
• 300 г брашно
• 100 г маргарин
• 3 жолчки од јајце
• 1 лажица шеќер
• половина квасец

Фил
• 200 г ореви
• 150 г шеќер
• малку рум
• шлаг од 3 белки

ПОДГОТОВКА
Замесете го тестото, а потоа оставете го убаво да стаса (30-40 минути). Потоа размесете го и поделете го на два, па на четири дела. За филот измешајте ги оревите, шеќерот, румот и шлагот од белките. Филот намачкајте го на тестото, завиткајте го во ролат и сечкајте полжави со ширина од 2 см. Претходно, замастете тепсија за печење, во која ќе ги наредите полжавите. Печете ги во рерна на 200 степени, се додека убаво не поруменат.

Related Posts with Thumbnails