wordpress counter

Амброзија салата

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (Нема гласови)


АМБРОЗИЈА ОВОШНА САЛАТА

Амброзија е општо прифатен синоним за уживање, дозволени недостапни нешта и живеење во богато и сочно опкружување. Ништо чудно, тоа е исто така и синоним за храна на Боговите. Тие верувале дека пиењето Нектар, сок на Боговите и јадењето Амброзија им го дава бесмртниот живот. Инспирирана од ова, салатата Амброзија го добила своето име поради уникатниот збир на состојки, како и единствениот сладок, лесен и освежителен вкус. Оваа десерт салата ќе ве однесе токму во тој свет, каде живеат и уживаат само Боговите. Клучен момент во оваа салата е кокосот, па ако ги менувате состојките по вкус, пробајте да го задржите кокосот, а сè друго да прилагодите на него.

СОСТОЈКИ
• 2 мандарини
• 200 г ананас
• 150 г цреши
• 200 г рендан кокос
• 1 пакување слатка павлака
• 10-тина крем банани

ПОДГОТОВКА
Слатката павлака изматете ја дури не стане цврста смеса. Во голем сад, измешајте ги мандарините, ананасот, црешите, кокосот и изматената слатка павлака. Крем бананите исечкајте ги на поситни парчиња и измешајте ги со останатите состојки. Сето тоа ставете го во фрижидер околу 1 час да се излади.

Кокос
лат. Cocos nucifera

Шпанските истражувачи во минатото го нарекувале коко, што значи „мајмунска фаца“, бидејќи неговиот изглед со три дупчиња и влакнеста површина ги потсетувало на мајмун качен на дрво. Во народната медицина, во места каде најмногу вирее го нарекувале Дрво на животот, бидејќи има богатство од витамини, диетални влакна и хранливи материи. Жителите на Пацифичките острови кокосовото масло го сметаат за лек за сите болести. Секој дел од кокосовото дрво се користи за нешто. Покрај консумирањето во исхраната, како и производството на кокосово млеко, од стеблото се прават јажиња кои се отпорни на солена вода, па се одлични помагала на бродовите. Од листовите се прават помошни додатоци за покривите на куќите, а во некои култури целата исхрана е базирана на кокос.

Не заборавајте дека со вкусувањето на една салата создавате нова кулинарска приказна. Тоа исто така значи дека вашата имагинација и омилен вкус се добредојдени во креирањето на иста ваква, поинаква и само ваша слатка сторија. [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails