wordpress counter

Божикно мени (2 дел)

Во првиот дел дадовме предлог за предјадење – рижото со бакалар и главно јадење – јагнешко месо со мед. Ред е предлог менито да го комплетираме со вкусен десерт.

Божикна тора

СОСТОЈКИ

за тесто
• 210 гр шеќер
• 5 јајца
• 500 гр пире од костени
• 2 големи лажици рум
• 2 големи лажици брашно
• 1 ванилин шеќер

за крем
• 170 гр пире од костени
• 100 мл млеко
• 150 гр путер
• 1 ванилин шеќер
• рум
• 150 гр шеќер во прав

за темна глазура
• 300 гр темна чоколада
• 200 мл слатка павлака

за декорација
• шлаг

ПОДГОТОВКА
Одвојте ги жолчките од белките. Жолчките од јајцата измешајте ги со шеќерот, ванилиниот шеќер и со помош на миксер добро измешајте ја смесата. Додадете рум и брашно. Белките добро измешајте ги, за да добиете шлаг и потоа додадете го во смесата. На крајот, додадете го и пирето од костени.

Смесата разделете ја на два дела и испечете ги посебно двата дела во калапи за торта. Печете 30 минути на температура од 180℃.

За да го подготвите кремот, путерот измешајте го со шеќер во прав и ванилин шеќер. Пирето од костени кратко проварете го во млеко, додадете рум и оставете да се излади. Потоа, измешајте го со путерот.

Едно од изладените теста премачкајте го со кремот и врз него ставете го другиот бисквит. Ставете во фрижидер и оставете кремот да се зацврсне.

Во меѓувреме, подгответе ја глазурата од чоколадо. Чоколадото искршете го на парчиња и ставете го во сад. Потоа, тој сад ставете го во друг, во кој има вода која врие. Со постојано мешање растопете го чоколадото. Слатката павлака провријте ја и потоа додадете ја кон чоколадото. Садот со чоколадо тргнете го од оган и продолжете да мешате додека не добиете еднолична смеса. Така подготвената глазура прелијте ја преку тортата.

Сервирање: целата торта прекријте ја со шлаг и божикни украси. Сервирајте ја изладена.

Related Posts with Thumbnails