wordpress counter

CHEESECAKE СО КИВИ

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (2 гласа, просек: 5,00 од 5)


cheesecake

Американската кујна, како и американската култура, е склоп од многу различни влијанија на културите што живееле и сè уште живеат на оваа територија. Навикнати сме на кока-кола и Мек-Доналдс бургери, Star Bucks кафиња и уште неколку звучни наслови што нè асоцираат на Соединетите Американски Држави. Но, има уште неколку други навидум познати, но не доволно јасни кулинарски дијаманти за кои само сме слушнале.

Оригиналното име на овој специјалитет е невозможно да се преведе на македонски јазик, бидејќи едноставно нема да се долови моментот што самото негово изговарање го предизвикува. Cheesecake, буквално, би означувало торта од сирење, но оваа торта е многу повеќе од тоа.

Постои еден класичен рецепт според кој се подготвува легендарната Cheesecake, а врз основа на кој со додавање вкусови се добиени десетици видови на овој деликатес. Најважен момент е посебното Philadelphia cream cheese, кое кај нас многу ретко се наоѓа. Затоа, на негово место може да се стави млечен намаз, кој го има во изобилство во сите поголеми маркети. Исто така, основата на оваа торта може да се подготви на неколку начини, со издробени бисквити или некој вид крекери. За овој рецепт, одбрани се трошки од обланди. Класичната постапка на уредување на состојките е збогатена и со неколку додатни моменти: лимонова арома сласт, ванила и егзотичниот допир на киви во мед.

Philadelphia Cream cheese
Слатко, меко, бело сирење. За прв пат е произведено во 1877 г., а во 1880 г. е заштитено со брендот „Филаделфија“. Денес постојат многу видови вакво сирење, но светски лидер во консумирање и производство е токму „Филаделфија“.

Како благо предупредување, може да ви служи фактот дека подготвувањето на cheesecake не е брзо и едноставно. Доколку ова е ваше прво вакво искуство, веројатно ќе ви требаат неколку обиди дури да ја добиете вистинската комбинација, во која безрезервно ќе уживате. Ако имате време, направете ја оваа торта еден ден претходно, бидејќи е најдобро да се служи откако ќе отстои една ноќ во фрижидер.

Сè на сè, вкусот е уникатен, богат, сладникаво-солен и апсолутно незаборавен! [МАЈА БАЛША]

СОСТОЈКИ
• 1 и ½ филџан трошки од обланди
• 2 супени лажици несолен путер
• 1 филџан шеќер во кристал
• 1 супена лажица сенаменско брашно
• 250 г млечен намаз
• 1 кафена лажичка рендана кора од лимон
• 1 кафена лажичка екстракт од ванила
• ½ филџан шлаг крема
• 1 голема жолчка од јајце, на собна температура
• 3 големи јајца
• 6-7 киви, излупени и сечкани на големи коцки
• 3-4 супени лажици меден сируп или мед

ПОДГОТОВКА
Загрејте ја рерната на 160 С° и подгответе го средниот дел за печење. Земете длабок сад за печење во кружна форма и измрсете го со путер. Останатиот путер и трошките од обланди измешајте ги во друг сад, а потоа ставете ги во садот за печење. Со помош на дно од филџан, залепете ги по дното и по страните на садот за печење. Внимавајте трошките убаво да се распоредат низ садот, бидејќи тие ја формираат основата на тортата.

Во друг сад измешајте го шеќерот со брашното. Во сад за матење ставете го млечниот намаз и матете го, а во исто време додавајте го шеќерот со брашното. Смесата е готова кога ќе се соедини и ќе биде без грутки. Намалете ја брзината на миксерот и додадете ги кората од лимон и ванилата, a потоа полека додавајте го шлагот. Откако ќе се соединат состојките, додадете ја жолчката, па целите јајца, едно по едно, за да се изматат убаво.

Кога сè убаво ќе се соедини, истурете го во претходно подготвениот сад за печење и печете додека краевите не поруменат. За ова треба отприлика 45 минути до 1 час. Потоа исклучете ја рерната и оставете ја тортата да се лади уште еден час. Тргнете ја испечената торта од рернатa и ставете ја на даска, покријте ја со алуминиумска фолија и оставете ја да се лади уште час и половина. Потоа отстранете ја фолијата и ставете ја тортата од сирење во фрижидер да се лади и понатаму, сè додека не е готова за служење. Кога ќе сакате да послужите, извадете ја тортата внимателно од садот, полека со нож од страните поминете за да се одвои. Кивито и медот измешајте ги во друг сад. Тортата од сирење исечете ја на 12 парчиња и врз секое ставете по 2 супени лажици од медот со киви.

Related Posts with Thumbnails