wordpress counter

Lemon angel торта

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (Нема гласови)


ANGEL ТОРТА СО ЛИМОН

Во духот на вкусната храна и практични рецепти, овој пат решив да ви понудам еден токму таков, но земен од листата на посебен вид торти. Името на оваа торта не е преведено и е запишано како што гласи, бидејќи се работи за торта, која популарно во САД се нарекува Ангелска торта или Angel food cake.

Овој вид на десерт станал популарен во периодот кога била измислена алатката за матење јајца, некаде во средината на 19-тиот век, токму поради причината што тестото за Аngel cake се прави на специфичен начин, односно се прави од матени белки од јајца. Oд белата боја и воздушната леснота која ја има кога се консумира наречена е храна на ангелите.

Наспроти неа, подоцна се појавила и популарната Ѓаволска торта, која има тесто од чоколадо и темно-кафена боја. Уште една важна разлика меѓу двете популарни торти е дека ангелската се прави со пена, а ѓаволската со путер. Поради отсуството на маснотии, angel cake има лесна текстура и вкус. На ваквото тесто може да му се додаде овошен прелив, глазура од било каков вид, или едноставно да се послужи со шлаг или чоколаден прелив.

Нејзината популарност и едноставна подготовка биле инспирација за милиони нови начини на доживување на ангелската торта. Мојот едноставен, елегантен и деликатесен избор е Ангелска торта со лимон. Насладувајте се! [МАЈА БАЛША]

СОСТОЈКИ
За тесто
• 8 белки од јајца, убаво изматени
• 2 кафени лажички оцет
• 250 г шеќер
• 2 кафени лажички ванилин шеќер

За фил
• 8 жолчки од јајца
• сок од 2 лимона
• рендана кора од лимон
• 130 г шеќер
• 250 г шлаг
• мараскино цреши
• ливчиња нане

ПОДГОТОВКА
Тесто
Додадете ги оцетот, шеќерот и ванилата во матените белки од јајца. Откако убаво ќе измешате, смесата за тесто ставете ја во тава за печење и печете на температура од 150С° околу 60-тина минути. Потоа, извадете го испеченото тесто од рерната и оставете го да се излади.

Фил
Ставете ги жолчките, кората и сокот од лимон и шеќерот во сад и гответе ги на пареа додека да се згусне смесата. Потоа тргнете ја од пареа и оставете ја да се лади. Половина од шлагот додадете го во изладената смеса и убаво измешајте. Останатиот шлаг засладете го и чувајте го за последен слој на тортата.

Испеченото тесто исечете го на коцки, одозгора ставете од филот, па засладениот шлаг и на секоја коцка ставете по една мараскино цреша и две ливчиња нане.

Related Posts with Thumbnails