wordpress counter

Пржен сладолед

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (1 гласа, просек: 5,00 од 5)


ПРЖЕН СЛАДОЛЕД

Кога првпат слушнав дека постои нешто вакво, ми се чинеше неверојатно. Сладолед? Пржен? Зарем сладоледот не треба да биде ладен? Па, како тогаш може да се пржи? Повеќето од вас кои сте го пробале, верувам знаете дека станува збор за топка сладолед која е обвиена во некаков вид на обвивка, која потоа е испржена. Пржениот сладолед е релативно едноставен да се приготви, но одзема многу време, затоа што постојано мора да се држи во ладилникот, дури и додека се приготвува.

За тоа каде настанал и кога првпат почнал да се приготвува нема точни информации. Традиционално постои азиска верзија, но постои и мексиканска верзија. Кај нас може да се најде во кинеските ресторани, но сепак пржениот сладолед не е ексклузивно кинески десерт. Се разбира, има многу варијации во тоа како се приготвува, најмногу во зависност од смесата која се користи за да се обвие смесата сладолед. Според состојките кои ги има во нашите супермаркети, вие дома можете да си направите пржен сладолед со следниве состојки:

СОСТОЈКИ
• 1 длабок сад мешавина од корнфлекс (зависно од тоа колкава количина приготвувате). Можете да ставите и корнфлекс со различни вкусови како лешник, чоколадо и сл.
• 1-2 јајца
• 1 филџан вода
• 1 филџан брашно
• прашок за печиво
• цимет (по избор)
• шеќер по вкус

ПОДГОТОВКА
Направете 2-3 топки сладолед, ставете ги на чинија и вратете ги во ладилникот околу половина час за да се стврднат. Потоа извадете ги, обвијте ги во смесата од корнфлекс, шеќер и цимет и пак вратете ги во ладилникот, уште еден половина час. Во меѓувреме на двете јајца додадете им филџан вода, шеќер и цимет и изматете ги. Изматената смеса ќе додавајте ја полека на брашното, постојано мешајќи и внимавајќи да не направите грутки. Треба да добиете смеса со одредена конзистентност. Во оваа смеса можете да додадете уште некој додаток по вкус, на пример доколку користите сладолед од чоколадо, тука можете да додадете какао или кафе, доколку пак користите сладолед од ванила, можете да додадете ванила екстракт или прав со вкус на ванила, итн. Потоа пак извадете ги топките сладолед од ладилникот (сега веќе обвиени во смесата од корнфлекс), пак натопете ги во смесата од јајца, и пак обвијте ги во уште еден слој од корнфлекс. Сега, уште еднаш вратете ги во ладилникот, овој пат околу еден час.

Во меѓувреме земете подлабоко тавче, или фритеза, и наполнете го со масло и затоплете го маслото. Треба да има доволно масло за топките сладолед целосно да бидат прелиени во него. Извадете ги топките од ладилникот и ставете ги во маслото, пропржете ги околу 20-30 секунди, или додека да видите дека добиле убава златно-кафена боја. Многу внимавајте на времето за кое ќе ги оставите да се пржат, затоа што може да се стопи сладоледот и да се отвори обвивката, со што ќе добиете сладолед во масло, а тоа нема да биде убава глетка.

Можете да прелиете со чоколаден прелив, да протресете уште малку цимет на топките или да додадете шлаг.

Се надевам дека ќе можете да ги изненадите вашите гости и пријатели со еден ваков неконвенционален десерт. [ЕЛИ ЦВЕТКОВА]

Related Posts with Thumbnails