wordpress counter

Гурманска инспирација

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (Нема гласови)


ГУРМАНСКА ИНСПИРАЦИЈА - ПИЛЕШКО ВО СОС СО ПЕЧУРКИ

Зборовите на писателот и боите на сликарот се плод на неговата инспирација, но најсилна е уметноста родена во копнеж. Кога уметникот е цврсто зграпчен од рацете на неговата муза, тој твори… посебно, уметнички, силно, непокорливо… Кога копнее по љубов, кога е сам, кога сака да достигне нешто што му е далечно… тогаш се раѓаат вистинските уметнички дела.

Епа, ако вака стојат работите, замислете што му се случува на готвачот кога е на диета?!?! Замислете каква сила и психолошка моќ и е потребна на личноста која на памет ги знае сите вкусови и мириси, како и нивните безбројни комбинации, а треба да ги тргне од своето секојдневие барем на некое време… Насмеани стекови пливаат во мрсничок сос и се капат, се преливаат, довикуваат… на брегот од чинијата стои верна зеленчукова публика и аплаудира, се радува, потскокнува… оп, на виљушката, па во устата… во позадина свири некоја тивка музика, со ноти нанижани од опоен мирис, а слатко-горчливото вино нежно ги испраќа залаците понатаму… ахх…

И ете, уметникот од кујната, создаде свое уметничко дело во мислите…Уживајте! [МАЈА БАЛША]

СОСТОЈКИ
• 4-5 средно големи парчиња пилешки стек
• 1 голем кромид, сечкан на кругови
• црн пипер
• сенф и малку целер

За сос
• 120 г свежи печурки
• 1 голем кромида, сечкан
• масло
• 3 супени лажици брашно
• магдонос
• вода
• сол
• 100 г кисела павлака (може и 200 г, зависно од посакуваната густина на сосот)

Гарнир
• 1 тиквичка, сечкана на кругови
• 1 модар патлиџан, сечкан на кругови
• 2 свежи домати, сечкани на кругови

ПОДГОТОВКА
Месото треба да се подготви претходно, по можност вечерта пред да го подготвувате ручекот. Стековите, доколку не се готови за печење, исчукајте ги нежно со алатка за чукање месо, и редете ги во сад кој се затвара. Ставете 2 стека, премачкајте ги со сенф, посолете со зачин и црн бибер, ставете врз нив сечкан целер и покријте ги со круговите од кромид. Врз нив наредете повторно 2 стека и повторете ја постапката. Убаво затворете го садот, и ставете го во фрижидер да стои до следниот ден. Следниот ден, откако месото ги впило сите вкусови од маринадата, тргнете ги остатоците од целер и кромид, и подгответе го за пржење. Вака приготвени, стековите може да се печат на скара, или на масло во тава за пржење. Доколку користите тава, внимавајте: маслото да се загрее убаво за да не се залепи месото при пржење. (Пилешкото месо е прилично нежно, и несоодветна температура може да предизвика лепење за тавата, и откинување на помали парчиња.) Испржете го убаво од двете страни и сервирајте го во голема чинија, полиено со претходно подготвениот сос од свежи печурки. Во маслото во кое се пржело месото, или на скарата, ставете го зеленчукот за гарнир, и пропржете ги 2-3 минути од двете страни, за да омекне и потоа наредете го покрај испржените стекови во чинијата за сервирање.

ПОДГОТОВКА НА СОС
Во тава за пржење загрејте го маслото, а потоа ставете го кромидот да се пржи. Печурките измијте ги и исечкајте ги на тенки листови, а потоа додадете ги во тавата да се пропржат. Во друг сад запржете го брашното со малку масло, а потоа додадете му ја водата и посолете. Откако убаво се ќе се измеша, додадете ги пржените печурки и гответе уште 15-тина минути. На крајот додадете ги павлаката и магдоносот.

Related Posts with Thumbnails