wordpress counter

ЛАЗАЊИ – СОЧНА УБАВИЦА НА ТРПЕЗАТА

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (4 гласа, просек: 4,25 од 5)


lior shapira (Flickr)

Семејните викенди се секогаш посебни приказни тогаш кога се случуваат. Убавина на семеен собир, кога сите, ама баш сите членови на семејството се на една трпезариска маса… кога се раскажуваат случките од изминатата недела, се дискутира за однесувањето на колегите на работа, за професорите, за соседските волји и неволји и за што уште не. Тогаш се мези со часови, се пие домашна ракија или сок за помладите и додека сето ова трае, се чека на специјалитетот на денот. Додека уживаме во семејната дружба, се насладуваме од миризбата на тоа што сè уште се крчка во кујната. Како што нè потхранува примамливата арома, така стануваме сè погладни и суптилно создаваме сè поголема желба за ручекот да почне вистински, што побргу.

Има еден оброк што може само уште повеќе да ги разгори гладните страсти и да ја разубави семејната слика со своето присуство. Тој пристигнува величествено, во голема тава, со набори на краевите, со стопено сирење одозгора, додека наоколу се чади неговиот наркотично-заводив мирис, оставајќи нè апсолутно рамнодушни на сè. Очите милно ни светкаат, а усните се подгризнуваат кога ќе ја видиме таа убавина на трпезата. Тоа се единствените лазањи.

Можеби е необично лазањите да се поврзуваат со домашна ракија и мезе, но кај нас речиси сè е поврзано на тој начин. Начинот на кој ќе се подготват не мора да значи дека треба да се избегнат традициите на кои сме навикнати. Напротив, комбинацијата на нашето и на светското го прави овој оброк уште поуникатен.

Потеклото на лазањите неминовно се врзува за Италија, но иако тоа е така, нивното име доаѓа од друг назив. Зборот лазањи има корен во грчкиот назив lasagna со значење триножник. Римјаните го позајмиле изразот labarum, што кај нив значело сад за готвење. Италијанците во минатото го користеле овој збор за садот во кој се правеле лазањите. Поминало доста време додека зборот го добил денешното значење, односно од вид готвачки сад да добие значење на вид храна. Има и друга теорија што зборува за старогрчкиот израз lag anon, кој означувал сплескана табла од тестенини, поделени на линии. Рецептот за лазањи се наоѓа и во првата книга за готвење, која некогаш била напишана во Англија, од каде што доаѓа уште една урбана легенда дека лазањите потекнуваат од британските острови.
Денес го познаваме како lasagna, односно лазањи, со значење на тестенини во табли и со значење на посебен специјалитет направен од овие тестенини, лазањи.

Болоњезе лазањи

СОСТОЈКИ
• болоњезе сос, направен со 1 кг говедско месо
• 750 мл бешамел сос
• 2 супени лажици масло
• 100 г пармезан
• 50 г несолен путер
• 500 г лазањи
• 2 лажици сол

ПОДГОТОВКА
Рерната загрејте ја на 200 С˚. Ставете голем сад со вода за да се вари, додадете сол, а потоа и тестенините за да се варат. Во меѓувреме намрсете огноотпорен сад за готвење со дел од путерот. Наредете го првиот слој лазањи, а врз него слој од болоњезе сосот. Потоа прелијте со не многу дебел слој бешамел сос и повторете ја постапката со остатокот од лазањите и сосовите. На крајот завршете со бешамел сос и секако, со убав слој пармезан. Останатиот путер растурете го врз лазањите на мали точки и ставете го садот во рерна. Готово е кога ќе порумени сирењето (доколку рерната бргу пече, прекријте го со алуминиумска фолија при печењето).

Bolognese sauce
Болоњезе сос е сос за тестенини базиран врз месо, кој потекнува од Болоња, Италија. Понекогаш се заменува со доматен сос, иако оригиналните рецепти имаат многу малку домати.

СОСТОЈКИ ЗА БОЛОЊЕЗЕ СОС
• 200 г мелено говедско месо
• 50 г сушена сланина
• 60 мл маслиново масло
• 1 средноголем кромид
• 1 морков
• целер
• магдонос
• 1/2 филџан црвено вино
• подготвена инстант-супа со говедско
• 250 г доматно пире
• сол и црн пипер по вкус

ПОДГОТОВКА
Ставете ги зеленчукот и сланината на масло за да се пржат. Кога ќе поцрвенат, додадете го меленото месо. Откако месото ќе се пропржи, сипете го виното и оставете да се динстува некое време. Потоа додадете ги: доматното пире, една црпалка од инстант-супата и зачините. Вака гответе со повремено мешање, дури сосот не стане богат и густ.

Béchamel sauce
Бешамел сос, уште познат и како бел сос, е основа врз која се прават многу други познати сосови, како на пример mornay sauce (морнеј сосот), кој е бешамел сос со сирење. Потекнува од Франција и се прави со млеко, путер и брашно.

Во повеќе култури лазањите се адаптирани на животниот стил, но едно останува како императив – одозгора да се прекрие со убав слој рендано сирење. Сè друго е дело на личниот вкус, креативноста, потребите на оние што ги консумираат. Основните класични рецепти за лазањи се прават со некој вид сирење, најчесто рикота или моцарела. Ова има потекло од Неапол, град во јужна Италија, од каде што потекнуваат и овие видови сирење. Лазањи болоњезе се прават со пармезан, болоњезе сос и бешамел сос. Класичната изведба на овие лазањи се прави со зелени лазањи, односно тестенини што како додаток имаат спанаќ во себе.

Врз основа на овие рецепти, се прават стотици различни видови лазањи. Без оглед дали се вегетаријански, или дали наместо обичен спанаќ имаат артичока, или, пак, морски плодови, лазањите оставаат умешноста на готвачот да создаде уникатен микс од вкусови. Едно е сигурно – секогаш се добива едно меко и сочно чувство на јазикот, кое прави спомените од убаво направени лазањи да траат многу подолго од самиот момент на јадење. Има нешто што е основно и класично, кое преминало во ритуал кога се работи за приготвувањето, кога се одбираат состојките и кога на крајот од рерната ќе ја извадите заруменетата, мирисно опојна убавица. Да се ужива во лазањи, не значи да се ужива само во јадењето туку и во подготовката и презентацијата на овој прекрасен специјалитет.

Но, во денешно време уживањето во добрите стари рецепти е под закана на глобалните грижи за здравјето на човекот. Во таа смисла, мора да се намалат маснотиите во секоја храна од една страна, но и да се внимава да се зачуваат добрите состојки на старите рецепти, од друга страна. Тестенините се содржани во сите диети поради нивните состојки, кои ги апсорбираат шеќерите што се создаваат при дигестијата на храната. Тие се сложени јаглехидрати, кои овозможуваат енергијата да се ослободува полека, не веднаш. Спортистите често консумираат сложени јаглехидрати за да ја зачуваат енергијата во своите тела. Бидејќи класичните рецепти за лазањи се прават со низа состојки чијашто калорична вредност е висока, во име на поздрава исхрана може да се направат исто така вкусни лазањи, но со поинакви состојки.

Кога тавата ќе пристигне од рерната на масата и ќе почне да кружи наоколу дури се послужат сите, веќе ќе бидат освоени срцата и сетилата на целото семејство. Забавата ќе продолжи додека јадете, додека барате уште една чинија превкусни лазањи и по оброкот, додека се дискутира за незаборавноста на оваа богата и сочна наслада. Веројатно во таа дискусија 2/3 од присутните ќе пријават дека од тогаш па натаму нивно омилено јадење се токму лазањите. [МАЈА БАЛША]

Лазањи со печурки, колбаси и спанаќ

СОСТОЈКИ
• 250 г. тестенини за лазањи
• 450 г. лути домашни колбаси
• 300 гсечкани печурки
• 60 мл вода
• 450 г спанаќ
• 1 пакување доматно пире
• ¼ филџан свежо сечкан босилек
• 450 г меко сирење
• 250 г моцарела сирење, рендано
• сол и мелен црн пипер по вкус

Спанаќ
лат. Spinacia oleracea

Спаѓа во скриеносемени растенија,а потекнува од југозападна Азија. Спанаќот е богат со железо и калциум и е богат извор на витамините А, Ц, Е, К, како и магнезиум и неколку витални антиоксиданси.

Печурки
Јадливите печурки се користат во исхраната и готвењето насекаде низ светот. За нив постои мислење дека немаат голема хранлива вредност, но добар дел од јадливите печурки се богати со тијамин, рибофлавин, нијацин, биотин, витамин Б12 и витамин Ц. Печурките исто така се извор и на минераликако: железо, селен, потасиум и фосфор.

ПОДГОТОВКА
Рерната загрејте ја на 170 С˚. Земете огноотпорен сад за готвење со димензии 25–35 цм (отприлика) и намрсете го. Потоа ставете голем сад со вода за да се вари.

Тестенините гответе ги во водата си додека не се ал-денте (не многу меки, 2 минути помалку од упатството за приготвување). Потоа исцедете ги, вратете ги во садот и покријте ги со ладна вода.

Земете голем сад за пржење, кој не лепи и намрсете го. Во него ставете ги колбасите да се пржат и превртувајте ги со дрвена лажица сè додека не поруменат. Додајте ги печурките и ¼ филџан вода, па продолжете да готвите си додека колбасите не се готови, а водата испарена (околу 8-10 минути). Од спанаќот исцедете ја водата и ставете го во тавчето, потоа тргнете го од оган.

Доматното пире измешајте го со босилекот и додајте му сол и црн пипер.

Лазањите редете ги на следниов начин: во огноотпорниот сад полијте ½ филџан од подготвените домати. Наредете ги тестенините, за да се прекрие дното. Потоа ставете половина од мешавината со колбаси, 1/3 од останатото доматно пире и 1/3 од моцарелата. Продолжете со нов ред тестенини, ставете од мекото сирење, па спанаќот со колбаси, па половина од останатото доматно пире и половина од останатата моцарела. На крајот наредете уште еден ред тестенини и додадете го остатокот од доматното пире.

Покријте ги лазањите со фолија и печете додека не почне да прави меурчиња и да крчка, околу 1 час до 1 час и 10 минути. Отстранете ја фолијата и растурете го остатокот од моцарелата врз лазањите. Вратете ги во рерната и печете додека да се растопи сирењето, 8-10 минути. Тргнете ги лазањите од рерна и оставете ги да се оладат 10-ина минути пред да ги послужите.

Related Posts with Thumbnails