wordpress counter

Лосос с’с сос

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (Нема гласови)


ЛОСОС С'С СОС

Искрено верувам дека и вие, исто како мене, чувствувате неповторливо скокоткање околу јазикот кога на некоја фотографија ќе го видите секогаш насмеаниот, свеж и сочен лосос. Доволно ми е само да фрлам еден поглед на црвеникавото месо и да ме освојат секогаш симетрично распоредените бели риги низ него. Во истиот момент го гледам во друштво со малку лимон, рузмарин, убаво загреана скара, и јас! Само јас, да си го зготвам и да си се насладам… ах! Каков е само овој мирис…

Невозможно е да го спречам тој мирис да патува наоколу и се разбира да ги намами соседските носиња и празни стомачиња. Веќе ѕвонат на врата.

– „Па бујрум, комшии!“
– „Готвиш риба???“
– „Ха! Да, ама тоа не е само риба, тоа е лосос! И тоа, овој пат во сос од лимета и путер.”

Ова се случува редовно и не би очекувала нешто поинакво кога ова јадење е толку вкусно. Па, пријатели сме цел живот, ако не го поделам со нив, со кого? Ајде на работа!

СОСТОЈКИ за 6 лица
• 1 супена лажица фино исечкан ѓумбир
• 1 кромитче, ситно сечкано
• сок од две лимети
• 1 супена лажици кисела павлака
• сол и мелен црн пипер
• 6 филети од лосос
• 1 супена лажица маслиново масло
• 200 гр несолен путер, на коцки

ПОДГОТОВКА
Ставете ги ѓумбирот, кромидот и сокот од лимета во мал сад што не кородира. Варете го на умерена температура, сè додека не се смали во количина од 1 супена лажица. Додадете ја павлаката, зачинете по вкус и тргнете го настрана. Загрејте го горниот дел од рерната или скарата на средна температура. Филетите премачкајте ги со маслиново масло, сол и црн пипер. Рибата наредете ја на скарата и гответе околу 3 минути, потоа внимателно превртете ја од другата страна и повторно печете околу 4 минути додека месото е убаво зготвено. Во меѓувреме, ставете го сосот од лимета на вриење и оставете го да се динста, додека полека го додавате путерот со мешалка за матење. Ставајте една по една коцка путер, за да може убаво да се истопи. Нека не се преварува. Штом е готово, сервирајте го веднаш со подготвената риба.

Ова одлично оди со спанаќ или брокула, кои во овој период од годината ги има во изобилство, или пак со чинија од млади компири. Ако го служите на забава или вечера, добра идеја е да се подготви претходно, така што сосот ќе се приготви веднаш пред да седнат гостите и ќе биде топол. Уф, ама е добро! [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails