wordpress counter

Мени за католички Божиќ – Предјадење: Пита со вргањ

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (3 гласа, просек: 5,00 од 5)


Пита со вргањ

Питите се секојдневие во нашето мени, но ретко можете да сретнете рецепт за пита со вргањ. Вргањот е полн со витамини, минерали и протеини, го намалува холестеролот во организмот, а притоа е многу вкусен и ароматичен.

Овој мал шумски жител, уште пред многу години бил популарен на нашите простори и за него има многу легенди. Една таква легенда е дека кога ќе го погледнете вргањот, тој престанува да расте. Се разбира дека тоа не е точно, но сепак и во практиката на многу собирачи на печурки им се случувало да се смали откако ќе биде откриен под лисјата, па затоа ја нарекувале и срамежливата печурка.

Направете го овој рецепт за предјадење и воодушевете ги вашите гости. Единствен проблем со кој што може да се соочите е дека вашите гости нема да сакаат да преминат на главното јадење, бидејќи ова ќе им биде премногу вкусно.

СОСТОЈКИ
• 500 гр готови кори за пита
• 500 гр вргањ
• 1 виолетов кромид
• 2 чешниња лук
• маслиново масло
• сол и бибер
• 4 јајца
• 200 гр немасно сирење
• половина чаша јогурт
• 1 кесичка прашок за пециво

ПРИГОТВУВАЊЕ
Исецкајте го вргањот, сварете го и процедете го добро. Во маслиново масло издинстајте го кромидот, па додадете го лукот.

Потоа, додадете вргањ, сол и бибер по ваш вкус и динстајте околу 20-тина минути. Доколку ви испари водата, додавајте по малку. На дното од вашиот сад за печење ставете хартија за печење и подмачкајте го со масло. Врз хартијата ставете ја првата кора, нежно премачкајте ја со маслиново масло, па ставете ја втората кора и повторно премачкајте. Потоа, ставете ја третата кора. На третата кора ставете и дел од смесата од вргањ. Одозгора ставете нова кора и повторувајте го истиот чекор сѐ додека не ви се потроши смесата. Формулата е едноставна: три кори, па фил.

Најгорниот слој треба да биде смеса од вргањ и затоа не го поклопувајте со кора. Во меѓувреме, изматете ги јајцата, додадете го сирењето, јогуртот и прашокот за пециво. Со оваа смеса прелијте ја питата и ставете ја да се пече во загреана рерна на 200℃.

Печете 40-тина минути. По половина час намалете ја температурата на 180℃. Кога ќе биде готова, извадете ја од рерната, поклопете ја со крпа и оставете ја малку да се олади. Исецкајте ја на парчиња и послужете.

Bon Apetit!

Related Posts with Thumbnails