wordpress counter

Новогодишно мени (2 дел)

Во првиот дел ви предложивме салата од мисирка, брусница и индиски оревчиња како предјадење за новогодишното мени. Сега, за да го комплетираме менито даваме предлог за главно јадење и десерт.

Главно јадење

Свинско месо со јаболка и сос од бренди

СОСТОЈКИ
• 1,5-2 кг свинско месо (најдобро одрезок околу ребрата)
• 1 голема лажица брашно
• сол и бибер
• 4 големи лажици путер
• 3 кромида со средна големина, исечкани
• 2 чешниња лук
• 4 стебленца рузмарин
• 5 јаболка, исечкани на четвртина
• ½ шолја вино од јаболка
• ¼ бренди од јаболка
• малку сланина

ПОДГОТОВКА
Загрејте ја рерната на температура од 170℃. Засечете го месото на половина. Во мал сад, измешајте брашно, сол, бибер и исечкан рузмарин. Наполнете го целото месо со оваа смеса. Обвиткајте го месото со парчиња сланина и зацврстете го со конец.

Загрејте две големи лажици путер во тава за печење и пред да го ставите месото да се пече додадете ги кромидот и лукот. Преостанатиот путер нанесете го врз кромидот. Ставете рузмарин и покријте со алуминумска фолија.

Печете 45 минути и потоа во тавата додадете ги јаболката и виното од јаболка. Повторно покријте со фолија и печете уште 30 минути. Потоа, зголемете ја температурата на 200℃, отстранете ја фолијата и печете уште 15 минути.

Откако ќе се испече, месото поставете го на даска на сечење. Отстранете го конецот и оставете да се излади 10-тина минути. Наредете ги кромидот и јаболката во чинија за сервирање. Половина од сокот од месото измешајте го со бренди и фламбирајте го. Откако ќе почне да врие, тргнете го од оган.

Месото ставете го во чинијата и сервирајте со сосот со бренди.

.

Десерт

Чоколадна торта-колач

СОСТОЈКИ
• 9 големи лажици путер
• 6 мали лажици брашно
• 120 гр темна чоколада
• 2 јајца
• 2 жолчки
• ¼ шолја шеќер
• 1 голема лажица какао

ПОДГОТОВКА
Загрејте ја рерната на 230℃. Земете 4 калапи за торта и намастете ги со путер. Попрскајте ги калапите со малку брашно и потоа обложете ги со хартија за печење.

Ставете еден голем сад и наполнете го со вода. Откако водата ќе почне да зоврива, ставете во неа уште еден сад во кој ќе го ставите чоколадото и путерот. Намалете ја температурата и варете сѐ додека не се истопи целото чоколадо (околу 10 минути).

Во меѓувреме, со миксер измешајте ги јајцата, жолчките и шеќерот. Миксирајте околу 2-3 минути, сѐ додека не се добие густа и светло жолта смеса. Измешајте ги чоколадото и путерот и додадете ги на смесата со јајца. Измешајте добро и додадете уште 2 мали лажици брашно. Повторно промешајте.

Смесата распоредете ја подеднакво во секој калап и печете 6-7 минути. Сервирајте во чинија за десерт. Превртете го калапот на чинијата и оставете го 10-тина секунди. Отстранете го калапот. Попрскајте го десертот со какао. Можете да декорирате со топка сладолед и да добиете топло-ладен десерт.

Related Posts with Thumbnails