wordpress counter

Семејна драма: крап со зеленчук

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (1 гласа, просек: 5,00 од 5)


КРАП СО ЗЕЛЕНЧУК

Прекрасно саботно утро, некаде во Скопје. Еден просечен и секојдневен скопјанец тукушто се разбуди и излезе на терасата од својот дом. Погледна кон градот и вдиша од смогот помешан со штотуку послужен бурек. Во истиот момент доби една идеја: да оди на риболов. За миг се виде себеси како стои на брегот од реката, ја држи трската во рака, се затегнува конецот и нешто почнува силно да го влече. Тогаш почувствува дека тој ден ќе има богат улов.

Така среќен и инспириран, тргна да се подготвува. Во меѓувреме се разбуди и неговата сопруга и како што стана, во ноќница и жолти папучи, седна да прави план за саботниот ден. Во ниеден дел од планот, не се спомна сопругот да отсуствува од дома. Кога тој милно и радосно и’ пријде и и ја соопшти својата вест, настана општа хаварија, што дури и сосетката се разбуди и излезе на терасата.

Паѓаа маси и столчиња, се преврте фотелјата, но жената не попушти. Нема да се оди на риболов и точка! Виде не виде, мажов рече добро и со свиткана опашка зеде да чита весник. Штом се стиша атмосферата, погледна кон бањата, го слушна тушот и бргу летна низ врата со ранецот на грб.

Денот продолжи мирно, жената беше на пазар и се врати. Кога и’ стана јасно дека овој ја здувнал, и’ се поврзаа четири жички и две диоди во умот и настана т.н. курцшлус. Во истиот миг, како производ на тоа струјно коло, се сети што најмногу го нервира нејзиниот сопруг, нејзината сестра, секако со трите внучиња. Понесена од одмаздничка умисла, веднаш си покани гости, едвај чекајќи да се врати мажот од риболовење.

Тој, кутриот, преплашен од мислата што избегал без прашање, реши да и’ однесе на жената – изненадување. Свежа риба! Си улови килограм и половина крапче, во ранец, на грб и среќно потскокнувајќи кон дома си тргна. Не ни претпоставуваше што го чека таму. Чекореше најбргу што можеше и кога стигна… што ќе види? Полна куќа индијанци, женава негова си седи во фотелјата и ужива во глетката на разрушен стан. Во истиот миг сфати за каква одмазда се работи, брцна во ранецот и рече на глас: „Жено моја! Гледај колкав крап сум ти донел! А ти сега како ќе ни го зготвиш… оф оф!“ Кога слушнаа внуците, и’ се фрлија на тета и ја одвлечкаа во кујна. Жената се најде во небрано, немаше рецепт, немаше намирници, немаше искуство со крапови… што да прави сега?

Тогаш настапи мажот и со еден потег побара да му се отстапи место во кујната. „Пази сега“, само и’ рече на сопругата.

Го зеде крапот, го исчисти, па го измери и запиша: 1.200 грама.
Ја пушти рерната на 250 С°. Зеде 1 голема главица кромид, ја исечка ситно. Потоа исечка 3 големи моркови на крукчиња. Сето ова го запишуваше на ливче.

Зеде корен од пашканат и го исечка на коцкички. – Ова е најважниот момент – и’ рече на жената. – Добро внимавај! Зеде бело вино и во чинија го помеша со масло за готвење, посоли со вегета, сол и црн бибер. Во голема тава за печење го стави крапот, а потоа убаво го нареди сечканиот зеленчук околу и врз крапот. На крајот, го прекри со масло и бело вино и му додаде вода за да го покрие крапот до половина. Ја обвитка тавата со алуминиумска фолија и ја стави во рерна.

СОСТОЈКИ
• 1.200 г исчистен крап
• голема главица кромид
• 3 големи моркови
• 1 средно голем корен од пашканат
• масло за готвење, бело вино, сол, црн бибер, вегета

Пашканат
лат. Pastinaca sativa
Вид коренесто растение, кое се користи во исхраната како зеленчук. Изобилува со витамините Ц, Б и Е, скроб и органски киселини. Има карактеристично јак мирис и вкус, кои доаѓаат од етеричното масло со кое изобилува коренот на растението. Се користи за подготовка на супи и чорби, може да се пече или вари. Откако ќе се зготви, пашканатот остава карактеристичен вкус, кој му дава посебен белег на јадењето. При приготвувањето крап со зеленчук, клучниот момент е токму пашканатот. Кога убаво ќе се растопи при готвењето во рерна, ќе го пушти своето најголемо богатство, етеричното масло, низ целата риба и целиот зеленчук. Тоа неминовно ќе го забележите по прекрасната и несекојдневна арома низ вашата кујна.

Жената стоеше вчудоневидена и кога мажот и’ го врачи ливчето со рецептот, таа веќе беше во делириум и не знаеше што да му рече. Тој само ја прегрна и и рече: „Ајде да се подружиме со внучињата, на ова ќе му треба час и половина за да се зготви“.

И така, семејната драма среќно се заврши. Додека вечераше целото семејство, мажот им раскажуваше што си може да се научи од рибарите и им откри неколку тајни. Јадењето беше превкусно, прсти излижаа сите. Тој само се потсмеваше под мустак, а подоцна и шепна на својата жена: „Следниот пат, одиме заедно на риболов!“ [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails