wordpress counter

„charity: water“ за 4.500 спасени животи дневно

Болестите предизвикани од нечиста вода и немање канализација, годишно убиваат повеќе луѓе отколку сите форми на насилство, вклучувајќи ги и војните. Верувале или не, секоја недела починуваат близу 30.000 луѓе од овие причини. Особено ранлива категорија се децата, со оглед дека нивните тела немаат сила да се борат против тешки форми на дијареа, дизентерија и други болести.

Децата и жените во Африка трошат 40 милијарди часови годишно да отидат до најблискиот извор на вода и да ја донесат до своите домови. И во тој случај, водата е загадена и претставува потенцијална опасност за нивниот живот. Покрај тоа, канистрите тежат по 20 и повеќе килограми, што предизвикува други сериозни последици по нивното здравје. Да не зборуваме дека често пати се предмет на сексуално злоставување, бидејќи нема кој да ги заштити на тој долг и несигурен пат.

Она што е најважно е дека сите овие состојби можат да се променат. Останува да проработи нашата свест, да разбереме дека тие деца и луѓе не се „таму некаде“ далеку од нас и помалку вредни од нас, туку дека тие живеат со нас, го дишат истиот воздух, ја јадат истата храна, се радуваат на истите работи. Но, за разлика од нас, тие немаат вода за пиење и основна хигиена.

А, сите можеме да помогнеме. Само 865 денари (20 долари) се доволни еден човек да добие чиста вода за пиење и основна хигиена. Оние што можат да донираат, ќе знаат дека нивните пари се употребени за повисока цел. Може да направите свој фонд преку веб-страницата charitywater.org/donate и таму да организирате свој проект. Третата можност ја искористивме ние од Гурман™. Решивме дека треба да ги шириме вестите од оваа добротворна организација. И бескрајно сме исполнети што имаме шанса да помогнеме некому на кого вистински му е потребна помош. Останува на вас, да го одберете начинот на кој ќе помогнете, доколку можете.

Related Posts with Thumbnails