wordpress counter

Што напиша „Економист“ за вината од Македонија и Балканот?

Светски угледниот магазин за теми од областа на економијата, во последниот свој број објави статија за винските брендови и производството на вино на Балканскиот полуостров, со посебен осврт на Хрватска, Црна Гора и Македонија.

Според авторите, во Хрватска постојат 2.500 производители, но само неколку од нив се големи. Хрватска извезува само 5% од своето производство и тоа на територијата на поранешна Југославија. Интересно е дека голем дел од нивното производство го консумираат туристите, кои доаѓаат во огромен број.

Малку појужно се наоѓа Црна Гора. И таму ситуацијата не е ништо поинаква. Таму постои доминатен производител – „Плантаже“, кој беше и најголем производител на вино во бившата држава. Но, дури и овој голем вински џин извезува само 5% во Европа. Остатокот од преку 50% го консумира Балканот.

Слична улога, според Економист, игра и „Тиквеш“ во Република Македонија. Тој е производител на 2/3 од македонските вина. Сепак, авторите на статијата, кај нас најдоа разлика во однос на состојбите во поранешната држава. Имено, тогаш 2/3 од нашето грозје се извезувало сирово и завршувало кај производителите на вино во другите делови на Југославија.

Денес, целото наше грозје се преработува и флашира кај нас, создадени се вински брендови кои имаат висок квалитет. Околу 45% од произведеното вино се консумира од страна на домашните љубители на виното.

Со оглед на тоа дека кога пишуваат за нас, светските медиуми не можат да ја прескокнат темата за името и овој пат се наведува дека постои извесно несогласување околу употребата на терминот „Македонија“ на етикетите. Својот став го надополнуваат со тоа дека Грција се плаши од нашите територијални претензии, за кои ние велиме дека ги нема. Сепак, авторите ќе речат: „Чудно, но најдоброто вино од Македонија се вика „Т’га за југ“.

Related Posts with Thumbnails