wordpress counter

Рецензија на угостителски објекти: Кафеана ДМ (3 дел)

Во претходните два дела се запознавме со дебармаалската кафеана ДМ. Зборувавме за персоналот, атмосферата, храната, услугата, забавата. Во третиот дел, на ред се хигиената и севкупната оценка на угостителскиот објект.

Хигиената на објектот е задоволувачка. Масите, столчињата и чаршафите се чисти. Истото се однесува и на подот и на пристапот во објектот. За време на нашата посета се случи да добиеме нечиста чаша, но во разговор со постојани гости, заклучивме дека тоа е исклучок, а не правило.

Единствениот посериозен недостаток е тоалетот во кафеаната. Има само еден тоалет и ако е вечер може ќе треба да почекате 10-тина минути додека да влезете. Чешмата и мијалникот се стари и рѓосани, а пристапот до нив го попречува црево. Хигиената во просторијата со тоалет школката се одржува, но мирисот е навистина непријатен. Наш совет е да не влегувате ако не морате.

Уште еден сериозен недостаток е работењето на кујната. Локалот работи до 12 часот на полноќ, но морате најдоцна до 22.45 да нарачате храна. Во спротивно, ќе ве информираат дека кујната работи до 22.45 (или ако имате среќа до 23.00) и ќе останете гладни. Околу 23.20 персоналот ќе ве потсети дека работат до полноќ и ќе ви понудат последен пијалак.

Ако ги сумираме сите информации, може да заклучиме дека кафеаната ДМ е пријатно место за посета. Ќе наидете на непретенциозна и опуштена атомсфера, одлична храна и пријатен однос од персоналот. Верувајте дека секоја помината минута ќе ви донесе задоволство.

Највисока оцена ќе добијат за храната и приемот на гостите, а најниска за тоалетот, работното време на кујната и музиката. Сѐ на сѐ, вкупната оценка која ќе ја доделиме на кафеаната ДМ е 3.5.

Related Posts with Thumbnails