wordpress counter

Рене Реџепи повторно на врвот

По прогласувањето на 50-те најдобри ресторани на светот, во изборот „San Pellegrino World’s 50 Best Restaurant“ на британското списание „The Restaurant“, одново причини за славење имаат Рене Реџепи и тимот од неговиот ресторан „Нома“ во Данска.

Имено, Нома и оваа година, како и минатата, се најде на самиот врв. Претходно цели четири години суверено владееше ресторанот „Ел Були“ на Феран Адриа. По „Нома“, следат два шпански ресторани „Мугариц“ и „Ел Селер Де Сан Рока“. Тоа само потврдува дека Шпанија е вистинска гастрономска велесила.

На четврто место е италијанскиот „Остерија Франческана“, на 5-то место „Fat Duck“ на Блументал, а потоа следат американскиот „Алинеја“, бразилскиот „Д.О.М“, шпанскиот „Арзак“, францускиот „Шатобријан“ и американскиот „Per Se“.

Од првите 50 исчезнаа канадските ресторани, но затоа, на гастрономската карта се појавија и некои нови земји како Перу, Русија и Мексико. Најголем скок (од 28 места) има јапонскиот ресторан „Nihonryori RyuGin“ кој се наоѓа во Токио.

Да се најдете на оваа листа на било која позиција е сѐ што може да посака еден сопственик на ресторан. На пример, кога „Нома“ на нашиот Реџепи минатата година беше прогласена за најдобар ресторан, за само неколку часа беше резервирана веќе за наредните три месеци. На тој начин, на некои готвачи и сопственици, појавувањето на оваа листа им стана поважно од добивањето на Мишелиновите ѕвездички.

Related Posts with Thumbnails