wordpress counter

Роберт Паркер му ја отвори вратата на „Тиквеш“

Црвеното вино „Бела вода“, на „Тиквеш“ од Кавадарци, влезе во светската винска елита. Имено, еден од најпознатите вински критичари, чиј збор се почитува насекаде низ светот, Роберт Паркер, му даде дури 94 од можни 100 поени. Со тоа е отворена врата за извоз на вината на „Тиквеш“.

Инаку, „Бела вода“ е комбинација од сортите „вранец“ и „плавец“ и е досега највисоко оценото вино кое доаѓа од Балканот. За да нема забуна околу името, лозовите насади на овие сорти грозје се наоѓаат во месноста Бела вода, Велешко, па оттаму и името. Областа има идеален спој на клима, почва и локација, па затоа и не зачудува оценката на Паркер.

Кој е Роберт Паркер?
Овој 60-годишник е дипломиран правник и историчар на уметноста. Сепак, по една посета на Франција, виното станува негова опсесија. Во 1978 година го издава списанието „Wine Advocate“, кое денес има над 50.000 читатели. Се смета дека ова списание е репер за секој што го сака овој божествен пијалак.

Паркер е единствен вљубеник во виното (секако и критичар) кој добил признание и ордени од два француски и еден италијански претседател. Поранешниот француски претседател Жак Ширак ќе рече: „Паркер е најследениот и највлијателниот критичар на француските вина во светот“. Кога требало да се одбере вино за Бил Клинтон, при неговите официјални посети, секогаш бил консултиран токму Паркер. Берлускони му оддал почит со највисокиот орден што може да се добие, поради неговата заслуга за препознавање на квалитетот на италијанските вина.

Овие референци се доволни за да го сфатиме влијанието на Паркер во светот на виното. Се надеваме дека по оваа препорака македонските вина ќе го освојат светот. Со оглед на нивниот квалитет, тоа ќе биде сосема заслужено.

Related Posts with Thumbnails