wordpress counter

Интервју: Пеце Суперхикс

Едноставно, мораме веднаш на почетокот: „сакаш свежо овошје, портокал, банана… малини, јаболки, јагоди, киви, кајсии и сливи?“
– Еве веднаш ќе ви кажам. Сакам банани, портокал – не баш, малини – уф да! Јаболки – така-така, киви – понекогаш… кајсии и сливи за или по запек.
Од овошјето искрено најомилен ми е бостанот. Вистинско летно освежување! Еднаш пробав и лубеница со вотка (полски деликатес), ама не се сеќавам колку точно изедов. Барем се сеќавам до првиот час. Понатаму не!

Дали Пеце е гурман?
– Хаха… Да не бев немаше да ја напишам песната „Чкембе чорба“:

„Сакам да си моја чкембе чорба,
моја турлитава вкусна,
сарма, компир манџа,
макарони, тортелини, равиоли…“

Ете… повеќе од ова треба ли да кажам? А и ми се гледа по накачениве килограми последниве година-две.

Како добри домаќини, ти нудиме мени со сѐ што ќе посакаш. Што би требало да те чека на трпезата за да бидеш задоволен?
– Уф!!! Шкампи на жар, јастог (или било која друга форма на добро подготвени ракчиња), лигњи на жар, салата од октопод, леврекиа на скара… евентуално добро подготвени њоки, славонски пршут, цезар салата, добар паремезан или некое француско сирење (оние со мувлата) и добро црвено вино или добро белгиско пиво! Ете, тоа…

Како изгледа еден ден на Пеце, опишан во храна?
– Наутро – житарици (новина во мојата лошо распоредена исхрана) со јогурт или млеко!
Ужина – грозје, јаболко, круши (од бербата на татко ми)
Ручек – пилешки стек или прсти и салата (интегрален леб)
Ужина – сладолед
Вечера – пица + пиво

Поголемиот дел од времето го поминуваш на турнеи и постојано си во странство. Сигурно си имал можност да пробаш најразлични кујни. Има ли некоја што ти оставила посебен впечаток?
– Па, ако зборуваме за западно-европската кујна, искрено, немаат со што многу да се пофалат. Евентуално француските млечни производи, белгиското чоколадо, германската кобасица (ако се ова некои специјлитети). Инаку, турската кујна е одлична – мешавина од разни кулинарски култури од Европа и арапските земји. Раскош за оние што сакаат зачини!

Знаеш ли да ја изненадиш сопругата и да ѝ зготвиш нешто интересно?
– Па, да. Сите оние морски мирудии што ги напоменав горе. Махер сум за морска храна и пици (за жал, со готово тесто). Правам интересни салати. Најчесто некакви мои салатоидни креации.

Препознатлив си по мошне енергичното однесување на сцена. Има ли некоја тајна состојка која ти ја дава целата таа енергија?
– Да, тоа моето сало ми испраќа сигнали дека треба некако да се троши за да не се дуплира многу бргу. Нема никаква тајна состојка. Јадам на моменти многу здраво, а на моменти многу нездраво и нередовно. Мислам дека шеќерите сепак се неопходни за било што. Барем некоја коцка чоколадо. А и кафето многу ми помага некогаш.

Знаеме дека Суперхик „се дави“ во вино. А, Пеце?
– Во пиво, ракиичка… Еднио време експериментирав со алкохолните пијалаци (клуб Кастро), ама повеќе не! Знам одвреме навреме да уживам и во најрокенрол пијалакот на сите времиња, а тоа е еден тип на виски.

Во едно друго интервју ни откри дека една добра ска песна се прави со 200 гр весели чувства, 1/2 кг позитивна енергија, 1 кг разиграни луѓе, трошка осет за ритам и малку слух. Да не го променивте рецептот во меѓувреме?
– Не! Сѐ уште е истиот рецепт. Само додајте малку чили на крајот и уште повесело ќе е!

И, за крај – ајвар или бурек?
– Хммммммммммм… вечна дилема… уффф… 1 – 1 или ајвар – навечер, бурек – сабајле (во 5 после настап)!

Related Posts with Thumbnails