wordpress counter

Класичен или модерен Божик

Божик е еден од оние празници кои се слават во присуство на најблиските личности. Потрудете се сите да бидат поканети и да поминат незаборавен Божик. За таа цел, Гурман™ ќе ви даде неколку совети за декорација на празничната, свечена трпеза и божикното дрвце.

Класичен Божик
Ако се решите за оваа варијанта, трпезата и божикното дрвце декорирајте ги во традиционални божикни бои – зелена, црвена и жолта. Како таков, овој празник трпи претерувања, па затоа колку е побогато накитено – толку е поубаво.

Божикна трпеза
Чаршафот и салветите мора да бидат од најфина ткаенина. Масата мора да биде комплетирана со свечен порцелански сервис и прибор за јадење, отмени кристални чаши и елегантни држачи за свеќи. Декорацијата надополнете ја со зимзелени гранчиња, црвени бобинки, венчиња и бадникови гранчиња, црвени јаболка и калинки.

Како подметувачи можете да ставите мали, преклопени чаршафи или салветки со шкотски, кариран изглед. Од оваа шара може да бидат изработени и украсни перничиња за столчињата и украсните машни.

Божикно дрвце
Божикното дрво или елка мора да биде богато украсено. Лампионите, во црвена или златна боја, треба да се рамномерно распоредени од сите страни. За дополнителен ефект, можете да употребите и лампиони со мат или сјајна бела боја. И не заборавајте на светилките.

Модерен Божик
Ако посакувате посебна атмосфера за овој празник, тогаш ослободете ја вашата фантазија. Затоа, наместо пресликување на класичната прослава секоја година, направете ефектна декорација во виолетова или златна боја.

Божикна трпеза
Наместо класичен чаршаф, употребете само подметувачи или надчаршафи кои може да бидат од убава украсна хартија. Одберете модерен златен сервис или класичен порцелански сервис со златни линии. Масата украсете ја со топки и кружни свеќи во доминантни бои. Може да ставите и венчиња и гранчиња кои ќе ги обоите во некоја друга боја, различна од нивната природна боја.

Еден необичен, но многу ефектен украс, може да биде црн калап за колачи кој ќе го наполните со топки или светилки и ќе го ставите на празничната маса.

Божикно дрвце
Со модерен Божик, оди и модерна елка. Зимзеленото дрвце може да го замените со бела елка, која може да ја оставите бела или да ја обоите златно. Ако е златна,  украсете ја со виолетови лампиони, додека белата елка со златни или виолетови. Лампионите нека висат на подолги украсни траки. Секако и модерното дрвце не може да се замисли без светилки.

Related Posts with Thumbnails