wordpress counter

Тело во форма на чинија

Пристигнав. Качувајќи се по скалите, од малото бело куќиче, ја наслушнав тишината облеана во музика. Еден чекор и веднаш почувствував како синергијата од врелина и интересен мирис на храна продираше низ моите ноздри. Нешто вкусно се готвеше во малата кујничка, што ме воодушеви од само првиот допир на мирис.

Низ темнината и блесокот од свеќите го барав Готвачот. На мое изненадување, се појави со насмевка на лицето и со чаша црвено вино во едната рака. Седнав на подот. Сè уште не изустив ниту еден збор. Само ја задржав насмевката и желбата, која видно се оцртуваше на моето лице, да дознам што ми се готви оваа вечер.

Моето целосно внимание беше насочено кон малото кујниче и Готвачот кој пополека, но сигурно подготвуваше лазањи. Ред тесто, ред величествен црвен сос и ред кашкавал. „Потоа сето тоа се става во рерна” – рече. Ми се придружи на подот и ред вино, ред муабет. Времето си замина пребрзо и набрзо донесе топол мирис на лазањи, кој длабоко продираше во мојот стомак. За момент почувствував нескротлива глад.

Го почувствував Готвачот како ми приоѓа и ми ги затвора очите. Со својата рака ми стави мало парче од лазањите во мојата уста. Тие горделиво влегоа, оставајќи сензуален вкус зад себе, на кој јазикот веднаш се предаде. Ми рече пополека да ги сечкам со моите заби и пополека да ја одземам нивната горделивост. Врелината и вкусноста на лазањите, создадоа непрекинато чувство на алчност во мене. Сакав уште и уште. Готвачот внимателно ме набљудуваше и хранеше. На секое наредно залче сѐ повеќе ги лижев неговите прсти, низ кои се лелееше црвениот сос. Јазикот ја играше својата главна улога. Го лижев секој милиметар. Скокотливо играв со неговите прсти. Посегнав и го испив сосот од неговите усни. Некако тој сам го бараше својот пат, а јас заповеднички ја следев секоја патека која оставаше црвенило по телото.

Страста пополека нѐ газеше. Мирно не легна на подот, обвиен со светлина од свеќите. Занесно не кутна во облакот од врелина, која струеше низ воздухот. Сите наши сетила се отворија на овој повик, без двоумење. Храната ја отвори волшебната димензија пред нас и го зазеде секое делче од нашите тела. Ги почувствував врвовите на неговите прсти како неуморно талкаат по моето тело. Почувствував жештина на моите гради. Несомнено тоа беше од горделивите лазањи која Готвачот ги бркаше со своите усни. Се почувствував сочно, посакувано, едноставно единствено.

Уживав во моментите кои вешто ги одглумија лазањите. Без двоумење ја предадоа својата слава на нашите тела и пополека заминуваа од своето постоење. Создадоа атмосфера на алчност и страст, која занесно нѐ водеше низ ноќта. Занесно нѐ тркалаше по подот. Занесно, Готвачот ја хранеше својата глад од моето тело во форма на чинија, до почетокот на следното утро. [ВАЛЕНТИНА ЛАЗАРОВА]

Related Posts with Thumbnails