wordpress counter

Вкусот на април

ВКУСОТ НА АПРИЛ

Кога зимата почнува да ја предава својата монохрома, тогаш настапуваат разиграните мириси на пролетта. Со најголем замав удира зелената боја, а со неа и останатите нејзини придружници во креирање на виножитото. Сè станува обоено, а новородените вкусови се најсвежи токму сега, кога за прв пат во оваа година излегуваат од почвата. Сега е моментот кога можеме на нашето тело да му овозможиме природна и здрава исхрана, а сетилата да ги охрабриме во сите аспекти.

Излези надвор и вдиши ја свежата мирисна симфонија.
Отвори ги очите и апсорбирај ги боите кои почнуваат да живеат пред тебе.
Погали го стомакот и почувствувај како во него си е подготвено за пролетно насладување и уживање во зелените мирисни благодети на природата.

Што ни нуди април?
ЗЕЛЕНА САЛАТА – кај народот позната како марула (лат. Lactuca sativa) е растение кое не содржи масти, и има многу ниска калорична вредност. Затоа пак, е богата со витамин А и фолична киселина. Содржи т.н. lactucarium односно благо опивна супстанца, која има влијание врз несоницата. Римјаните и Египќаните јаделе зелена салата на крајот од оброкот за да можат поубаво да спијат. Често се користи при диетална исхрана, но треба да ја употребуваат сите во што повеќе оброци заради нејзината хранливост и релаксирачко дејство.

СПАНАЌ (лат. Spinacia oleracea) – најбогатиот извор на железо и калциум. Исто така има голема хранливост поради присуството на витамин А, витамин Ц, Е, К, Б9, магнезиум и неколку антиоксиданти. Богат е со диетални влакна, цинк и протеини, како и омега 3 масни киселини, ниацин и селен.

РУЗМАРИН (лат. Rosmarinus officinalis) – содржи голем број на биолошки активни состојки како антиоксиданти и рузмарична киселина. Има скокотлив и освежителен мирис, кој на секое јадење му дава посебен шарм. Користете го при правење скара, затоа што кога се пече, рузмаринот го испушта својот специфичен мирис.

МЛАД КРОМИД (лат. Allium ascalonicum) – нема маснотии и холестерол, а е богат со диетални влакна, витамин А, Ц и К, калциум, железо, калиум, магнезиум, тиамин, рибофлавин, фосфор и манган. Си што му треба на телото за да биде здраво и витално.

БАНАНА – најмногу има шеќери (гликоза, фруктоза и сахароза), како и влакна, кои ја прават идеален и вкусен извор на енергија. Бананата ја намалува депресијата, помага при дијареја, го заштитува видот кај постарите луѓе, и се препорачуваат за луѓе кои сакаат да се откажат од пушење поради богатството со витамин Б6 и Б12.

КИВИ (лат. Actinidia deliciosa) – исто така богато со витамини, како Ц, А и Е. Кивито има високо ниво на диетални влакна, поради што има лаксативно дејство и често е дел од диетите за слабеење. Најдобро е да се јадат свежи во комбинација со друго овошје, или како хранлив и диетален десерт.

КАРФИОЛ – член на семејството Brassica oleracea, има многу мало присуство на маснотии, а е богат со диетални влакна, фолична киселина и витамин Ц. Карфиолот има сулфорафан, состојка која се ослободува кога карфиолот се џвака или сечка. Оваа состојка има анти-канцерогено дејство и го спречува растот на тумори на дојка и простата.

БРОКУЛА – исто како карфиолот, член на семејството Brassica oleracea е растение богато со витамин Ц и растворливи влакна, и содржи многу состојки кои имаат анти-канцерогено дејство, како селен, диндолил метан и сулфорафан. Најдобро за консумирање е откако ќе се вари десетина минути. [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails