Боранијата е малку калоричен зеленчук, а сепак толку богат со протеини, железо и витамините К, Ц и А. Таа е одлична идеја за ручек, пред сѐздрава, но за жал многу деца, па дури и возрасни одбиваат да ја јадат. Затоа ние, со нашата драга @ttankica топло ви го препорачуваме овој рецепт на боранија во болоњезе сос, кој вашите деца со сигурност ќе го обожаваат.

Боранија во Болоњезе Сос
Состојки
- 500гр. боранија (може свежа а може и замрзната)
- 250 гр. мелено месо
- 1 главица кромид
- 1 морков
- 2 лажици кечап
- 250гр томатело
- сол и црн бибер по вкус
- лук во прав по вкус
- 1/2 лажичка црвен пипер
Инструкции
- Во тенџере на оган ја ставаме да се вари боранијата, во водата ставаме малку сол и вариме 20 минути додека убаво не омекне боранијата.
- Во меѓувреме, ги сецкаме кромидот и морковот и ги пропржуваме, додаваме сол, црн бибер, лук во прав и црвен пипер, пржиме додека кромидот не омекне убаво. Во садот го додаваме и меленото месо, убаво го пропржуваме, па додаваме 2 лажици кечап и промешуваме, потоа го додаваме и томателото и сите состојки ги оставаме да повријат десетина минути.
- Кога смесата ќе се згусти, ја процедуваме претходно сварената боранија и ја ставаме во истиот сад со месото и оставаме да повријат уште 5 минути.
- Целата смеса ја истураме во тава за печење, додаваме една чаша врела вода и ја ставаме да се пече на 200 степени 30 минути.
- Сервираме со малку магдонос и топено сирење, а исто може и со пармезан и топка кисела павлака. Со ова јадење, Танкица ни препорачува чаша бело суво вино од сортата Шердоне. Добар апетит!