Новогодишните и божиќните празници се дефинитивно најидеалната причина за готвење и експериментирање во кујната. Тоа го направи нашата драга krisibisii, подготвувајќи го овој прекрасен чоколаден колач за овогодинешниот дочек на 2021. Погледнете го рецептот кој таа ни ги испрати и не чекајте ни минута за да почнете со подготовка. Со нетрпение ги очекуваме вашите импресии.

Чоколадна Торта без Брашно
Состојки
- 500 гр чоколадо по избор
- 225-250 гр несолен путер
- 7 јајца
- 170 гр шеќер
- шеќер во прав за декорација
Инструкции
- Јајцата извадете ги на собна температура додека се припремаат останатите состојки.
- Путерот се сече на коцки и се топи заедно со чоколадото.
- Откако ќе се стопат чоколадото и путерот оставете ги да се изладат. Во меѓувреме, одвојте ги жолчките и белките. Од белките се прави шлаг. Додека белките се матат, постепено се додава шеќерот.
- Жолчките се додаваат и мешаат во претходно оладената смеса од путер и чоколадо.
- Се додава шлагот од белки во претходно подготвената смеса, но со цел да не пропадне шлагот во чоколадото, препорачано е да се додадат прво две лажици од шлагот и убаво да се измешаат, па на крај да се соедини целата смеса.
- Смесата се истура во огругл плех обложен со хартија за печење и печете околу 30 минути. Се става во претходно загреана рерна, на температура од 180° до 200°, во зависност од тоа како ви пече фурната.
- Испечениот колач оставете го да се олади минимум 1 час и на крај декорирајте со шеќер во прав. Превкусно!