Трилече е дефинитивно омилениот десерт на многумина од нас. Доколку отсекогаш сте сакале да пробате да го подготвите дома, но не сте имале соодветен и испробан рецепт, тогаш рецептот кој kaliopi_nc ни го испрати е вистинскиот за вас. Погледнете што се’ ви е потребно и почнете веднаш со подготовка на ова превкусно трилече.

Домашно Трилече
Состојки
Состојки за Тесто:
- 6 јајца
- 300гр. шеќер
- 400гр. брашно
- 2 ванилин шеќер
- 1 прашок за пециво
Состојки за Фил:
- 400мл. слатка павлака
- 1л. млеко
- 350гр. кондензирано млеко
Инструкции
- Тесто: Најпрвин белките се делат од жолчките. Белките се матат со миксер, а во меѓувреме постепено се додадаваат шеќерот лажица по лажица и ванилиниот шеќер. Откако смесата убаво ќе се обработи, се додаваат жолчките една по една и повторно продолжуваме со матење додека недобиеме хомогена смеса. Се додаваат прашокот за пециво и брашното, и оваа смеса продолжуваме да ја матиме со дрвена лажица. Смесата се става во правоаголнатава (бр. 38) обложена на хартија за печење. Се пече 30-35 минути на 180 степени, на претходно загреана фурна се додека тестото не добие златно-кафеава боја.
- Откако тестото ќе се испече, го вадиме од тавата, ја отстрануваме хартијата и го боцкаме со вилушка од двете страни.
- Фил: Слатката павлака се става во тенџере на оган се додека не зоврие. Откако ќе почне да врие, ја тргнуваме од оган и ја истураме во празната тава каде што го печевме тестото. Потоа врз слатката павлака го враќаме оладеното тесто. Во истото тенџере каде што ја варевме слатката павлака, ги ставаме млекото и кондензираното млеко да зовријат и потоа постепено ја полеваме смесата врз тестото.
- Глазура: Колачот го оставаме во фрижидер неколку часа да се олади и убаво да ја впие течноста. Откако ќе се олади, го премачкуваме со готов карамел прелив и го сечеме на коцки.