Француски леб со путер, пармезан, лук и магдонос. Ова лепче всушност е багет со неколку измени за да може да се испече побрзо. annies.food.feed направила едно лепче од околу 35 см, но вие ако сакате дуплирајте ја дозата за две.

Француски Леб со Путер, Пармезан, Лук и Магдонос
Состојки
За Леб:
- 230гр брашно (тип 400)
- 1 лажиче сув инстант квасец (околу 3,5 грама)
- 140мл топла вода (не врела)
- прстофат шеќер
- 1 лажиче сол
- маслиново масло
- лажица млеко
- 1 јајце
За Намаз:
- 70гр путер омекнат на собна температура
- 2-3 мали чешниња лук (ситно сечкани)
- 2-3 гранчиња магдонос (ситно сечкан)
- 15гр рендан пармезан
- сол по вкус
- ½ лажиче лут буковец
Инструкции
- Во голем длабок сад растворете ги квасецот и шеќерот во водата. Во посебен сад просејте го брашното и измешајте го со солта. Додајте половина од брашното во водата со квасецот и замесете тесто. Покријте со чинија, замотајте со крпи и оставете го на топло да расте додека се дуплира (околу 1 час).
- Потоа додајте го преостанатиот дел од брашното и месете 5-10 минути додека убаво се соедини. На лесно набрашнета површина расукајте го тестото како долг овал. Превиткајте ги двата краја кон средината, но не ги преклопувајте еден врз друг. Замотајте го како ролат, расукајте го исто и повторете го преклопувањето уште 2-3 пати. На крај замотајте го како долго, тенко лепче (багет) од околу 35 см. Премачкајте го со масло, ставете го дијагонално во плех премачкан со масло, покријте и оставете да расте на топло уште 40 мин. Загрејте ја рерната на 200 степени и ставете длабока тава со вода на подот на рерната (не се трга за време на печењето). Печете го лебот на средно ниво во рерната околу 25 минути додека зарумени. 10 минути пред крај, премачкајте го со изматено јајце и една лажица млеко.
- Откако ќе се испече, оставете го целосно да се излади. Во мал сад измешајте го путерот со лукот, магдоносот и пармезанот и додајте сол по вкус. Потоа направете резови (2-3 см широки) по цела должина на лепчето, но не сечете ги до крај. Во секој рез премачкајте го лепчето со намазот и со остатокот премачкајте го горниот дел. Посипете со малку лут буковец, замотајте го во алуминиумска фолија и печете во загреана рерна на 200 степени 15 минути и уште 5 минути со отворена фолија.