wordpress counter

Најдобрата улична храна во светот (1 дел)

Веќе објавивме дека според пишувањето на британски „Гардијан“ бурекот е еден од 10-те најдобри улични храни на светот. Ние, во две продолженија, ќе ве запознаеме со изборот на „Гардијан”.

Мохинга, Бурма
Станува збор за рибја супа со нудли која како згуснувач има ориз или грав во прав. Покрај тоа, супата содржи и млади кромитчиња, коријандер и крцкавиот дел од кората на дрвото на бананата (да, да и тоа се јаде). Освен во Бурма, овој специјалитет е популарен и во Кина. Се продава на улица, а постојат неколку негови варијанти. Цена: 40 денари.

Бан Ми, Виетнам
Најдобриот сендвич на светот може да го вкусиме на улиците на Виетнам. Се прави со малку запечено багет лепче, мајонез, месо, кисел зеленчук и свежи зачини. На крај, се зачинува со соја сос или чили. Инаку, самото јадење е комбинација од француска и кинеска кујна. Овој сендвич можете да го најдете буквално во секое уличе во Виетнам. Цена: 30 денари.

Даулат ки чаат, Индија
Ова е десерт кој е неверојатно лесен. Слатко, матено млеко декорирано со шафран, ф’стаци и шеќер на кое понекогаш му се додава сребро кое се јаде. Навистина посебен вкус. Овој десерт први го измислиле владетелите од лозата Мугаи. Цена: 10 денари.

Пат Капрао, Тајланд
Ова е едно од најпопуларните јадења во Тајланд. Листови босилек се пржат со сечкано месо или морска храна, заедно со лук, чили и исечкан долг грав. Се зачинува со сос од риба, шеќер. Се сервира врз ориз и се декорира со пржено јајце. Цена: 40-80 денари.

Бурек, Босна и Херцеговина
Бурекот е најпопуларната балканска улична храна. Станува збор за кори полнети со месо, спанаќ или сирење. Потоа се пече со путер или масло додека не добие златно-кафена боја. Бурекот може да се јаде во било кој дел од денот, а најчесто на пауза или во раните утрински часови по целовечерна забава. Цена: 50-60 денари. ●

Related Posts with Thumbnails